Судир меѓу двете колешки правнички

Двете колешки, правнички и професорки на Правниот факултет на различни страни на правото, на политиката и на вистината. Професорката Тања Каракамишева, која јавно ги застапува ставовите на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и беше избрана за претседател на комисијата за политички систем на партијата, на својот фејсбук-профил излезе со обвинувања за министерката Рената Дескоска, поранешна колешка.

Каракамишева, која уште за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ стана претставник на Македонија во највисокото европско тело за легислатива на Советот на Европа, реномираната Венециска комисија, тврди дека заминала на мисија во Комисијата без доставено, а веројатно и без изготвено службено решение и патен налог.

„Овој раководен состав на Министерството за (не)правда на РМ си го покажа целиот свој непрофесионализам, некадарност, непринципиелност и непочитување на државните интереси. Во своите 27 години постоење, ниту еден член на Венециската комисија не е оставен вака на цедило и не е пратен на пат без службено решение потпишано од раководното лице на Министерството, ама ете, секогаш имало првпат“, обвини Каракамишева.

И во духот на своите ставови, Каракамишева пишува дека и покрај сите опструкции останува професионална и на ниво на дадената задача и дека Македонија ѝ е секогаш на прво место.

„Горда сум што на оваа сесија уште еднаш ќе ја претставувам Македонија како известител на студија изработена од мене и од уште двајца други члена. Македонија и интересите на мојот народ ми биле и секогаш ќе ми останат на прво место. Ве поздравувам сите, поздрав и до сите вработени во Министерството за (не)правда. За некој ден уште еднаш ќе имам чест да ве израдувам со убава вест директно од местото на случувањата. Расипаните, дворските и подли игри што се играат околу мене ме направија посилна. Уште еден извештај подготвен од Македонка ќе го заобиколи светот“, напиша Каракамишева.

Но министерката за правда Рената Дескоска има друга вистина. Таа во изјава за „Независен весник“ вели дека на Каракамишева ѝ биле потпишани и решението и патниот налог, но не ѝ го дале авансот што го барала.

„Потпишани ѝ се и решението и патниот налог. Не ѝ е даден авансот што го бараше. Во последниот ревизорски извештај има забелешка дека не се раздолжувани авансите навреме, забелешка која се однесува на неа. Вишокот од парите што ѝ се давани како аванс не ги враќала навреме, а бидејќи не е вработена во правда, не можеле да ѝ задржат од плата. Кога ќе се врати, средствата ќе ѝ бидат рефундирани според поднесените сметки“, вели Дескоска.

Професорката Каракамишева не успеавме да ја добиеме, нејзиниот телефонски број беше недостапен, најверојатно бидејќи беше надвор од Македонија. Но остана активна на својата фан-страница на Фејсбук каде што ја извести јавноста дека почнал Советот за демократски избори при Венециската комисија на кој го елаборирала извештајот за правото на граѓаните да ги отповикаат своите избрани локални претставници тогаш кога има сериозни причини за такво нешто.

Двете професорки на Правниот факултет предаваат Уставно право и политички системи и заедно со нивниот професор Саво Климовски имаат напишано неколку заеднички книги – „Уставно уредување на Македонија“, „Конституционално уредување“, „Уставно право“, „Политички систем“ и „Основи на јавно право“. Каракамишева е сѐ уште професорка, а ангажманот на Дескоска е ставен во мирување поради нејзиниот избор за министерка, најпрвин во Министерството за образование, а потоа во Министерството за правда.

Венециската комисија, пак, останува во фокусот на јавноста откако ВМРО-ДПМНЕ најави дека договорот за името ќе го испрати таму на оцена. Членовите на Венециската комисија ќе ја утврдуваат правната природа на договорот за името, кој по 27 години спор го потпишаа Македонија и Грција. Таму, исто така, треба да биде пратен и законот за јазиците, кој сега стои во фиока на претседателот на државата. За опозицијата договорот што го потпиша Македонија со Грција за промена на името е штетен и капитулантски, а за власта е историски чин со кој конечно земјата затвори едно прашање кое ги кочеше евроатлантските перспективи на земјата.

Фросина Факова – Серафиновиќ