Саркастична слобода

Марија Павлеска

Кога се пишува непосредно пред крајот на годината, напишаното вообичаено може да упатува на две работи. Најпрво на рекапитулирање на најважните настани случени во изминатите дванаесет месеци, а потоа на посакување на желби за поголем успех и здравје; додека сонувачите може да посакаат и чист воздух во годината која ни претстои.

Имајќи предвид колку работи се случуваат тука, можеби и нема потреба да рекапитулираме (знаеме ние што ни се случува). Меѓутоа, размислувајќи за 2018 година, може да забележиме еден крајно интересен феномен.

Македонија во септември угости рекорден број светски политичари. На некои им го згрешивме знамето на земјата од која доаѓаа, на некои не. Некои од нив дури ги запознавме со нашите вештини на метење црвен тепих со дрвена метла. Тие во своите посети имаа средби со нашата Влада, нашата опозиција, а некои од нив го посетија и претседателот.

Но она што започна како тренд уште во средината на октомври изгледа дека нема крај дури и во последните денови на декември. Па така, грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас на 17 октомври прв си поднесе оставка од функцијата. Германската канцеларка Ангела Меркел која нè посети во септември токму на Денот на независноста, а со тоа ја оствари првата официјална посета на германски канцелар во историјата на Македонија, со исклучок на кусиот престој на Шредер во 1999 година; само десетина дена по изјавата на Коѕијас на 29 октомври, таа соопшти дека ова е нејзин последен мандат како канцеларка на Германија и како лидер на партијата Христијанска демократска унија (ЦДУ). Последната оставка објавена на 21 декември е онаа на американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис, кој беше наш гостин исто во септември. Иако и тројцата политичари си наведуваат сопствени причини за донесената одлука за повлекување, сепак ми се допаѓа да верувам дека таа одлука ја донесле после стапнувањето на наше копно, а подоцна дошле нивните компликации или несогласување со тамошните политичари.

Кога ја гледаш политичката ситуација во Македонија, ти паѓа незгодно да сакаш да бидеш (да се нарекуваш) политичар, а богами и интелектуалец.

 

***

Она што е најпоразително е дека во Македонија не сакаш да бидеш млад. Според последното истражување на Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) дури 76,7 отсто од младите кои живеат во Република Македонија размислуваат да се иселат оттука. Истражувањето како клучната причина за иселување на младите го наведува лошиот квалитет на живот. Оттаму посочуваат дека иако во голема мера лошиот квалитет на живот се поврзува со материјалните неуслови, сепак општествената атмосфера на политичка и економска несигурност има значајна улога, исто како и перцепцијата за лош образовен систем и постоење на дискриминација. Под лоши материјали услови потенцираат дека невработеноста не е толку фактор, колку несоодветната или недоволно платената работа и лошите работни услови.

И во право се младите, затоа што докторите и просветните работници ќе добијат едвај пет отсто зголемување на платите дури во септември 2019 година, додека членовите на Судскиот совет може си доделуваат додатоци на плати во износ од 21.000 денари или 35 отсто.

 

***

 

Вилијам Зунсер, поранешен новинар во „Њујорк хералд трибјун“, има изјавено: „Не е иронија што во времето на Ричард Никсон перење стана валкан збор“. Ние за владеењето на минатата власт велевме дека „правда“ стана валкан збор. За жал и денес во Македонија единствено правдата е повалкана од воздухот кој го дишеме.

Кога сме кај чистиот воздух или барем малку прочистен воздух, интересно е како првите луѓе на Министерството за животна средина пред да вклучат вонредни мерки против екстремното загадување, толерантно би почекале да дувне ветар. Кога парите за борба против загадувањето се броени (1,6 или евентуално два милиони евра) мора да се штедат. Поразително е кога наместо стратегии за справување со енормното загадување надлежните се определуваат за мантрање да дувне ветер за малку да расчисти.

Ваквите изјави на политичарите мора да се архивираат во специјални папки кои ќе бидат веднаш на дофат, кога тие нè убедуваат дека треба да никнуваат згради наместо да се садат дрва во и така ендемските паркови низ градовите; кога потпишуваат со две раце отворање на рудници и кога дозволуваат да се прекопа и уништи Водно – како единствено место во Скопје во кое можеш да видиш сончев зрак во зима.

Но не мора ни да се пребарува по архиви. Доволно е да се прочита најновата вест која ќе ве увери дека заштитата на животната средина е далеку од приоритетите на која и да е влада. Само завчера (24 декември) одекна веста дека шумарски инженер се заменува со правник како челно лице на еден од трите национални паркови кај нас.

Неретко се навраќам на историјата на Чешка кога зборувам за сегашноста на Македонија. Во нејзината историја имаме едно чудо примери на професионалци кои долги години морале да работат професии далечни од нивното занимање. Филозофи на кои им било дозволено да работат како ноќни чувари (Јиржи Њемец); радионовинари вработени како котлари во топлана (Јиржи Динстбир); новинарки и писателки кои губејќи го правото да издаваат текстови и книги станувале библиотекарки, а членови на Академијата на науките станувале лектори во печатница.

Орвел во „Животинска фарма“ напиша – „Сите животни се еднакви, но некои животни се поеднакви од другите“. Ако треба да се оцени денешната наша слобода, зарем не е најсоодветно таа да се нарече „саркастична слобода“ или во превод слобода што сака да задева, да исмева, да зајадува сè што мислевме дека слободата претставува. Слобода во која сите се еднакви, но некои „активисти“, ќерки, синови, сопружници се поеднакви од другите.

Да се најде трошка ентузијазам после сè низ кое поминавме во изминатава година е навистина тешко. Со смогнати сили во 2019 покрај зголемувањето на плати повисоко од пет отсто за нашите лекари, учители и бранители, како и поволни ветрови кои ќе растеруваат тешки облаци, да си посакаме малку и култура која ќе освестува. За да може културата да нè освести, најпрво и најважно е да се инвестира во образованието. Но тоа секако да се прави после 11 јануари. Ова препорачано ослободување од работа на наставниците и другите вработени во основните и средни училишта е со цел да се намалат трошоците за загревање на училишните објекти. Мора да се штеди, затоа што наместо да се чисти воздухот се поставија прочистувачи на воздух кои воедно трошат и електрична енергија. Секако, единствено во (по)некоја училница.