Референдум на 9 или на 16 септември?

Кон средината на јули, според информациите, се планира парламентот да го распише референдумот на кој македонските граѓани, најверојатно, ќе треба да изберат дали се за промена на името со цел членство на Македонија во ЕУ и во НАТО. Во таа насока, всушност, се очекува да биде референдумското прашање, а проценките се дека исходот од престојаните самити на Европскиот совет и на Алијансата во Брисел ќе ја подигне позитивната перцепција кај граѓаните во однос на договорот што е потпишан со Грција, како документ што ги деблокира евроатлантските перспективи на земјата.
Еден од термините што се споменуваат во политички кругови за одржување на референдумот е 9 септември, што би значело ден по одбележувањето на 27 годишнината од првиот референдум за прогласување на независноста на Македонија. Законот за референдум предвидува ваквите изјаснувања да се организираат исклучиво во недела, така што ако се оди на избор на друг ден би требало да се донесат законски измени. Доколку се процени дека не е прагматично новиот референдум да се поврзува со Денот на независноста, како следен можен датум се спомнува следната недела, односно 16 септември. Иако премиерот Зоран Заев најави дека референдумот би можел да се организира и во почетокот на октомври, првите седмици од септември се вртат како поверојатна опција за да се остави простор потоа да се спроведат уставните измени согласно договорот со Грција.
Според тоа, се очекува претстојните летни месеци да поминат во знак на кампања за референдумот. Политичките партии веќе се подготвуваат за тоа, така што лидерствата на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ се постојано присутни на терен во последните неколку седмици. Очекувањата притоа се дека владејачките партии ќе водат кампања за значењето на договорот со Грција во однос на европската иднина на Македонија. Наспроти тоа, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски најави дека неговата партија ќе гласа против промена на името и во тој дух се очекува да биде и кампањата на ВМРО-ДПМНЕ.
Според партиски извори, и покрај навестувањето на Мицкоски дека ќе учествува во референдумот, што би значело придонес за постигнување на цензусот од 50 проценти излезеност, постои стравување од тивок опозициски бојкот. Затоа, наводно, се размислува референдумот да биде прогласен за консултативен, како мотив за поголема мобилизација на гласачи. Во секој случај, како што изјави пред извесно време премиерот Заев, референдумскиот исход би се сметал за обврзувачки и од него, всушност, ќе зависи дали ќе се премине на следната фаза од имплементацијата на договорот со Грција, односно на уставни измени или евентуално документот од Преспа ќе стане ништовен. Во случај на консултативен референдум, дури и да не се постигне потребниот цензус на излезеност, јасно изразената гласачка волја „за“ или „против’, според толкувањата, би можела да се смета за јасен сигнал во која насока потоа би требало да продолжи процедурата околу договорот за името.
Третиот референдум на национално ниво ќе го спроведе новиот состав на Државната изборна комисија, кој се очекува да биде избран на собраниската седница што почнува во вторник, иако оваа точка не е ставена сѐ уште на дневен ред. Со оглед на тоа што за избор на членовите на ДИК е потребно двотретинско мнозинство, проценките се дека од следната седмица пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе се вратат во работата на парламентот, по бојкотот што го објавија во однос на расправата за ратификацијата на договорот за името.
Се очекува иницијативата за референдум да произлезе од политичките партии во парламентот. Во изминатите 27 години, во Македонија се одржаа само две плебисцитарни изјаснувања. Првото – на 8 Септември 1991 година резултираше со прогласување независност на Македонија од тогашната СФРЈ. Вториот референдум се одржа во ноември 2004 година, со собрани граѓански потписи на иницијатива на Светскиот македонски конгрес, а со цел изјаснување за новата територијална поделба на Македонија. Ова изјаснување заврши неуспешно. Иако мнозинството излезени гласачи беа „против“ новата територијална поделба, бојкотот на тогаш владејачкиот СДСМ и на партиите од албанскиот блок резултираше со само 27 проценти одѕив.
Александра М. Митевска