Општина Карпош казни градежник со 4.000 евра

Инспекторите на општина Карпош во рамки на вонредната контрола на поголемите градилишта во општината изрекле прекршочна санкција во износ од четири илјади евра за еден инвеститор на улица „Лондонска”.

Како што информираат од општина Карпош, за два инвеститори на улица „Варшавска” се уште тече рокот за отстранување на утврдените неправилности, додека друг инвеститор на улица „Лондонска” веќе постапил согласно дадениот налог и укажувања.

При увидот, како што информираат, констатирано е дека кај сите исконтролирани градби оградувањето зафаќа и дел од јавната сообраќајна површина и со тоа директно се создаваат потешкотии за безбедно движење на пешаците, се отежнува сообраќајот по коловозите и се создава шут во близина на други објекти на што реагираа граѓаните, но и општинските служби.

Комуналните и градежни инспектори на општина Карпош пред дваесетина дена почнаа со контрола на неколку поголеми градилишта на територија на општината со цел да се направи увид колку се почитуваат правилата за градба и заштитата на околината околу објектите.