Објавена содржината на вербалната нота што македонското МНР ја испрати во Атина

Соседите освен што известуваат, имаат и толкувачка изјава, му рече вчера грчкиот премиер Алексис Ципрас на лидерот на опозициската Нова демократија, Киријакос Мицотакис, за време на расправата во грчкиот парламент во однос на испратената вербална нота од македонското МНР во која се соопштува дека се исполнети обврските согласно Договорот од Преспа.

Целиот допис на шест страници од официјално Скопје до официјална Атина, грчкиот премиер вчера го достави до Парламентот и пратениците, а документот стигна и до новинарите кои синоќа го следеа гласањето доверба на владата на Ципрас, јави дописничката на МИА од Атина.

На почетокот од Вербалната нотата, што ја има МИА на располагање, Министерството за надворешни работи на Република Македонија го известува Министерството за надворешни работи на Грција дека на 20 јуни Договорот од Преспа беше ратификуван во собранието, а на 11 јануари 2019 дека „согласно Членот 1 (3) (е), Членот 1 (4) (д). Членот 1 (11) и Членот 1 (12) од Договорот, Собранието на Република Македонија ја усвои одлуката за прогласување на уставните амандмани XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија и одлуката за прогласување на уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија“.

Во продолжение објаснето е она што всушност Ципрас го спомена во синоќешното обраќање во Парламентот во однос на јазикот и државјанството.

Документот до кој дојде МИА, во продолжение, ги содржи одлуките за уставните амандмани, исто онака како што на 12 јануари беа објавени во Службен весник.

Како и на сите официјални документи од Македонија до Грција, така и на овој ставен е печат дека земјата „од Грција е призната како ФИРОМ/ПЈРМ“, јави дописничката на МИА од Атина