Нова бура од Водно кон „Илинденска“

На повидок се нови искричења меѓу носителите на извршната власт во земјава откако претседателот Ѓорге Иванов стави вето на законот за употреба на јазиците,
за потоа и македонскиот преговарач за проблемот за името Васко Наумовски да „истрча“ со своја изјава за преговорите што се водеа во Њујорк.
Од Владата, како предлагач на законот за употреба на јазиците, брзо се јавија со реакција на обраќањето на Иванов до нацијата изразувајќи жалење поради тоа што шефот на државата не ја потпишал регулативата што парламентарното мнозинство ја усвои минатата седмица. Набрзо потоа, кабинетот на Зоран Заев се јави и со соопштение за текот на разговорите за името во Њујорк, а оценките драстично се разликуваат од ставот со кој настапи Наумовски, кој рече дека предлозите на медијаторот Метју Нимиц се далеку од достоинствено решение.
На изјавата на Наумовски остро реагираше вчера МНР, од каде што посочија дека идеите на медијаторот не се коментираат јавно пред темелна анализа и изграден став на државниот врв.
„Учеството во процесот за надминување на разликата околу името меѓу Македонија и Грција бара висок степен на професионалност и одговорност. Градењето мостови и отворањето врати кон европската и евроатлантската иднина на земјата бара трпение и посветеност“, порачаа од МНР.
Владини извори ја оценуваат како личен став изјавата на Наумовски, кој беше назначен за македонски преговарач за спорот со името летото 2014 година, кога Зоран Јолевски се врати во Скопје за да биде министер за одбрана. Наумовски стана преговарач во Њујорк со одлука на претседателот Иванов, а на предлог на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ, каде што Наумовски едно време беше вицепремиер за европски прашања во кабинетот на Никола Груевски.
Иако едно време се појавија информации за можно повлекување на Наумовски од преговарачката позиција, од Владата не сакаа да коментираат дали моментно се размислува за назначување на нов преговарач, за што согласност би требало да даде и шефот на државата.
За разлика од Наумовски, кој веднаш по последната рунда разговори во Њујорк, изјави дека предлозите што ги изнел Нимиц се далеку од достоинствено решение, посочувајќи и дека не е голем оптимист околу исходот на процесот, од Владата реагираа дека во ОН се создаваат услови за придвижување на процесот напред, а исходот ќе зависи од подготвеноста на двете страни за компромис.
„По внимателна анализа на рамката на Нимиц, која ја презентирал денес пред преговарачите, согласно значењето на прашањето за државните интереси, ќе продолжи процесот за градење на што е можно поширок и поинклузивен став од страна на Македонија“, посочија од Владата.
Лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, ја оцени исто така изјавата на Наумовски како негов личен став, кој, како што рече, не е и став на Владата.
Претседателот Иванов, пак, не се огласи со своја оценка за текот на последната рунда разговори во Њујорк, иако дента имаше обраќање до нацијата, за да образложи зошто не го потпишува законот за употреба на јазиците. Иванов избра да го „промовира“ своето прво вето во неговата претседателска кариера преку јавно обраќање. Тоа не беше практика за време на мандатите на претходните претседатели кои, пак, многу почесто го практикуваа правото да не потпишат закон донесен од парламентот, независно од тоа дали во даден момент мнозинството било во рацете на политичката партија што ги кандидирала за претседателската функција.
Наспроти оценките на Иванов дека законот за јазиците е неправеден, репресивен, неуставен и го фаворизира албанскиот јазик, од Владата возвратија дека со ова законско решение се унапредува употребата на јазиците на сите заедници во земјава и не го доведува во прашање унитарниот карактер на Македонија.
Законот за употреба на јазиците, уште од најавата за негово донесување – како дел од преткоалицискиот договор за формирање на актуелната влада, создаде нови тензии меѓу Иванов, СДСМ и ДУИ, како партии кои до скоро не го признаваа легитимитетот на шефот на државата, во неговиот втор мандат. Најавата дека ќе се менува постојното законско решение за јазиците беше еден од аргументите на кој се повикуваше Иванов кога со месеци одбиваше да му го даде на Заев мандатот за состав на владата. Но, и покрај тоа, во последниот период беше евидентирано одредено затоплување на односите меѓу Иванов и владејачките партии, кои го удостоија шефот на државата со свое присуство во парламентот за време на неговото годишно обраќање, а потоа дадоа и „виза“ за неговите предлози за нови членови на Уставниот суд. Објаснувањето беше дека пред почетокот на имплементацијата на реформскиот пакет, а во очекување на априлскиот извештај на ЕК за Македонија и на јулскиот Самит на НАТО во Брисел, треба да се замрзнат сите политички непријателства.
Александра М. Митевска

Уставниот суд меѓу Заев и Иванов

Со ветото што го стави, Иванов само го одложи стапувањето во сила на законот за јазиците, кој ќе мора да го потпише доколку парламентарното мнозинство го усвои по вторпат – со апсолутно мнозинство. Обидите за „уривање“ на новата регулатива за јазиците би можеле да продолжат потоа во Уставниот суд, ако се има предвид дека веќе има најави за поднесување иницијатива за оценување на нејзината уставност.
Но тешко е да се процени каква би била оценката на уставните судии, со оглед на специфичниот состав на судот во овој момент. Уставниот суд доби неодамна двајца нови членови, кои ги изгласаа СДСМ и ДУИ, а на предлог на Иванов. Така, во судот влегоа универзитетскиот професор Осман Кадриу, еден од пишувачите на законот за јазиците и Дарко Костадиновски, кој до скоро беше советник во претседателскиот кабинет. Затоа, пак, шестемина досегашни судии, кои имаат мандат од девет години, се избрани на функциите за време на претходната владејачка гарнитура, односно во периодот од 2011 до 2013 година.
Во изминатите години Уставниот суд го тресеа повеќе скандали во поглед на аминување на одредени контроверзни закони и одлуки на претходното владејачко мнозинство и игнорирање на иницијативи на опозицијата. Еден од покарактерситичните случаи беше тој со протестите пред судот и „бдеењето над Уставот“, во организација на неколку невладини организации и тогаш опозицискиот СДСМ, кои се противеа да биде прифатена иницијативата преку која ќе се разгледува можноста претседателот да може да помилува осудени за изборни измами. Протестантите бараа тогаш оставки од судиите Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски, кои гласале за прифаќање на иницијативата што беше поднесена од млад адвокат од Охрид. Овие петмина судии се сѐ уште членови на Уставниот суд и нивните гласови може да бидат одлучувачки за евентуално поништување на дел од одредбите на законот за употреба на јазиците.