Новата Антикорупциска комисија спротивна на препораките од Брисел

Откако цели десет месеци државата функционира без Антикорупциска комисија, јавноста како своевидна сензација го доживеа вчерашното усвојување на предлог-законот за спречување корупција и судир на интереси на собраниската седница во прво читање. Новото законско решение го поддржаа 58 пратеници, а против гласаа 16. Со новините во предлог-законот, како што истакнува Владата како предлагач, се зголемуваат надлежностите на Антикорупциската комисија, но и се заоструваат критериумите за избор на нејзините членови.

Според предложените измени, антикорупционерите ќе можат да имаат увид во банкарски тајни, да отвораат постапки пред судски инстанции, ќе имаат контрола на секој денар во финансирањето на политичките партии и до Собранието ќе поднесуваат посебни извештаи од спроведената контрола. Во таа насока ќе ја следат и законитоста на финансирањето на изборните кампањи. Освен тоа, тие ќе имаат и директен електронски пристап до базата на податоци на повеќе институции – МВР, Агенција за вработување, УЈП, пензиски фонд… но не и до Агенцијата за јавни набавки, што е, исто така, сериозна база на податоци.

Но она што боде во очи е дека Антикорупциската комисија и натаму ќе биде составена од седум члена, иако според претходната верзија на законот таа бројка беше намалена на пет, за што беа согласни сите вклучени страни. Сепак, уште во јавната дебата се насети дека поради правичната застапеност некои политички партии ќе бараат повторно да се оди на седум члена. На такво решение инсистирале од ДУИ бидејќи во концептот со седум члена загарантирани се две места (а не едно) за членови од албанската етничка заедница.

„Европската комисија има сериозни забелешки во тој дел. Проценките се дека со поголем број членови се зголемува опасноста од партизација на институцијата. Направете само споредба со Словенија, ќе видите дека тамошните регулаторни тела имаат речиси двојно помалку членови отколку кај нас. Мислам дека предлагачот ќе мора да ги прифати забелешките и дека, сепак, на крајот ќе имаме решение со пет члена“, ни изјави поранешната антикорупционерка Вања Михајлова.

Без оглед на професионалниот габарит на претседателот и на членовите на комисијата, на крајот од денот тие повторно како и досега ќе бидат избрани со политичка одлука, во македонското Собрание. Го стеснува ли тоа просторот за независно и непристрасно дејствување?

„На крајот пак доаѓаме до тоа дека сè зависи од луѓето. Односно од тоа дали тие ќе потклекнат на евентуалните политички притисоци и ќе станат политички лојални или, пак, ќе преовладее нивниот професионален и личен интегритет. Според новото законско решение, граѓанскиот сектор ќе може да им поставува прашања на кандидатите, а тоа ќе се пренесува на собраниски канал. Јавноста на самиот почеток ќе може да види за каков кадар станува збор“, смета Михајлова. Таа оценува дека атмосферата во општеството е драстично променета, јавноста е далеку посензибилизирана и поостро реагира на незаконитост и неказнивост, што ќе биде, според неа, дополнителен притисок за новиот тим.

Во Собранието, пак, се случуваат чудни акробации. Власта го брани предлог- законот, за опозицијата, пак, тој е најлошиот досега. А, само пред неколку дена од собраниските одаи стигна информацијата дека пред претседателските избори напролет следната година можно е да биде избран нов – преоден состав на Антикорупциската комисија, според стариот закон и со мандат од само неколку месеци.

Претседателот на Комисијата за избори и именувања, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, како што е познато, пред два месеца иницираше комплетирање на Антикорупциската комисија во случај на предвремени парламентарни избори, во периодот кога беше неизвесно двотретинското мнозинство за пристапување кон уставни измени. Тогаш Собранието донесе одлука со консензус за распишување конкурс на кој се јавиле околу 40 кандидати – меѓу кои поранешниот јавен обвинител Александар Наков, Маја Малахова, поранешна судијка и претседател на Државната комисија за жалби по јавни набавки, Злате Димовски од Факултетот за безбедност, адвокатот Ангеле Илиевски кој го бранеше Зоран Верушевски, Чедомир Дамјановски од Лустрациската комисија…

Звучи неверојатно, но нашите информации велат дека меѓу пријавените кандидати е и еден од петтемина членови на Антикорупциската комисија кои во март поднесоа оставки, откако во ревизорскиот извештај беа нотирани сериозни сомневања за малверзации од страна на членовите – фалсификувани сметки, лажни патни налози, нереални суми за изнајмување станови, за што постапка по допрен глас отвори и Јавното обвинителство. Наводно, според нашите извори, станувало збор за член на ДУИ, што доволно говори за тоа со каков „кадар без образ“ досега се полнела оваа институција.

Илија Димовски вчера од собраниската говорница порача дека постои опасност за време на претседателските избори во март наредната година да немаме Антикорупциска комисија.

„За да се објави оглас, потребна е седница на Собранието, за да се избере Комисијата потребна е исто така посебна седница. Нема да имаме Антикорупциска за време на претседателските избори ако не ја избереме по стариот закон“, рече Димовски. Опозицијата предложи и претседателот на Антикорупциска да биде нивни предлог, со што ќе му се даде поголем легитимитет, но и можност таа да врши некаква контрола. Што и да се случи, битката со корупцијата е застрашувачки бавна.

Наум Котевски