Ништо не се менува

Ана Павловска – Данева

Разговарам често со родители чии деца заминале на школување во странство. Зборуваме неретко за нашиот однос кон состојбата во која се наоѓаме.Тргнувам од себе. На почетокот, се работеше за вистинска борба на чувства и мисли: гордост наспроти тага за заминувањето на првороденото; среќа наспроти страв од неизвесноста; охрабрување за неговата способност за самостоен живот наспроти плач заради отсуството од неговото секојдневие. Веќе за година, две, со секоја повторна средба сфаќаш дека детето израснало во прекрасна млада и созреана личност и престануваш да се плашиш, да тажиш, да плачеш. Си ја проектираш иднината и живееш со мислите за неговото конечно враќање. На крајот, доаѓа фазата кога се соочуваш со фактот дека детето сеуште (или воопшто) не размислува да се врати, а ти се обидуваш да смислиш доволно аргументи за убедување дека кај нас е најдобро. Вели, и нему му е најдобро во Македонија. Но, само за време на Новогодишни празници.

Какво поразително сознание. А, всушност има нешто многу посериозно, потешко за изговарање и признавање: тоа што јас се согласувам со него потполно. Уште повеќе, и бабите и дедовците го поддржуваат. Истите оние кои мене ми зборуваа дека по секој студиски престој во странство треба дома да се вратам, дека тука ги имаме сите услови за секој од нас да го вложи знаењето за да го подобри системот. Веќе ни тие не мислат така, зашто систем нема. Ни добар, ни лош, едноставно го нема!

Уништен е системот не само со фактот што правото во државава одамна е предмет на политичка трговија, а судските пресуди се резултат на политички преговори, туку што на таквите состојби не укажуваат гласно оние кои се најповикани, туку странските дипломати. За најзначајните правни прашања во државава не крена глас ниту еден Правен факултет, а ги има повеќе од дваесет, немаат став судиите, ниту обвинителите, ниту официјално се произнесува адвокатската фела. А, сите имаат мислење за проблемите, ама местото, аудиторимуот на кој се соопштуваат е несоодветен.

Во целиов собраниски хаос, кога не се знае ни кој е опозиција, а кој власт, кога луѓето саркастично велат дека следните измени на Кривичниот законик треба да содржат и слики на „недопирливите“ за да им се олесни работата на обвинителите и судиите, се појави законски предлог од група пратеници кој исклучиво е во насока на јакнењето на економијата и квалитетот во пружањето јавни услуги: во секое јавно претпријатие, директорот да има свој заменик! Ова е едно сериозно и во светот малку изучувано бизнис начело, кое кај нас влече корени од народната „сложни браќа куќа градат“. Така, мотивирани од желбата за развој на јавните претпријатија и подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните, пратениците предлагаат заменици директори за да ги менуваат директорите кога одат на патувања и состаноци. Предлагам и посебна одредба да стават, со таксативна енумерација дека кога директор е од СДСМ, заменикот мора да е од ДУИ и обратно, а може и имињата на директорите и замениците да се озаконат. Останува дилема, за која можеби ќе се организира јавна расправа дали замениците директори треба да имаат само возач и секретарка или пак ќе им следуваат и советници. Во образложението на измените на Законот за јавни претпријатија да стои дека целта за нивно донесување е јакнење на братството и единството во државава и на пазарната економија. И европско занаменце, се разбира, за побрзо усвојување и имплементација.

Прекрасниот професор Милан Нетков требаше да ни предава право на здружен труд. Останал називот на предметот непроменет, но тој и Гелев, реално не учеа право на друштва, ни предаваа за акционерски, командитни друштва, претпријатија со ограничена одговорност и други актуелни теми. Не се осврнуваа многу на самоуправниот здружен труд, па не можам да се присетам дали самоуправувањето со установите во 80-тите подразбирало редовни професори да се бават со вработување и отпуштање на административни службеници (тогаш работници), но ми изгледаше нереално во услови на одлив на студенти, тренд на намалување на платите во високото образование, политички турбуленции и ровитост на државава, Сенатот на УКИМ за најважен проблем да го има отказот на службеничка вработена во Ректоратот. При постоење на судска заштита на правата од работен однос, при постоење на административна служба и генерален секретар на Универзитетот кој се бави со службеничките односи, нашите сенатори, редовни професори, елитата на УКИМ избрана од своите колеги, со часови расправа како второстепен орган за решение за отказ на службеник! Ништо побитно во областа на високото образование и науката нема во државава. Го замислувам највисокото (академско) тело на управување на Оксфорд, Јејл, Харвард, еве на Виенскиот универзитет, или на Бокони, Сорбона и сл., како расправа за вработувања и отпуштања на административни службеници во нивните ректорати. И не ми иде некако таква слика пред очи.

Наспроти тоа, ми се појавува ликот на син ми, ликовите и сликите на синовите и ќерките на мојата генерација кои учат на универзитетите што погоре ги набројав, нивните насмеани ликови, умни главички кои зборуваат најмалку два странски јазици, работат и учат едновремено, ги надминале сите предрасуди и стереотипи со кои растеле и мислам на нивната желба да дојдат дома заради незаборавниот ноќен живот, но не и да останат дома да го подобрат системот, зашто систем нема. Ниту пак нешто во тој поглед се менува.

Следната година нема да биде подобра од оваа што изминува ако секој од нас не направи чекор кон подобрување. Дедо Мраз носи фини, убави нешта во домовите, но домот сами си го создаваме. Исто и државата.