Најмногу жалби за пристап до информации од јавен карактер се за молк на администрацијата

Македонскиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер нормативно е добар и на светската ранг листа се наоѓаме на 16. место за 2017 година, изјави претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер Ѓорги Сламков, на денешната дебата за потребата од измени на Законот.

– Сепак, има приоритетни потреби од измени на Законот во некои сегменти. Најголем проблем е прашањето за молк на администрација. Минатата година од 619 жалби, 411 беа за молк на администрацијата. Оваа година состојбата е уште полоша и заклучно минатата недеал имаме добиено околу 705 жалби, а повеќе од 530 се за молк на администрација, изјави Сламков.

Посочи дека друг, посуштински проблем е неизвршувањето на решение од Комисијата.

– Целата постапка ќе се заврши и ќе дојдеме до крај. Ќе се донесе наше решение и потоа имателот на информацијата нема да го изврши. Барателот ќе не извести и ние немаме правна можност, одредба или прекршочна санкција, за санкционирање на неизвршување на наше решение во одреден рок, изјави Сламков.

Сериозен проблем за Комисијата изминатите години, продолжи тој, е добивањето на годишни извештаи од иматели на информации од јавен карактер.

– На 15 минатата недела пративме потсетник до сите 1.259 иматели според минатата година, со што ги потсетуваме дека треба да состават годишен извештај за имплементација на законот. До пред минатата година од 300 до 400 иматели годишно не доставуваа извештај. Минатата година од 1.259, само девет не доставиле извештај и имаме релаизација од 99,3 проценти, изјави Сламков.

Данче Даниловска од фондацијата Отворено општество, посочи дека по закон бројот на членови на Комисијата треба да биде пет, односно претседател, заменик претседател и тројца членови.

– Три години немаат двајца членови избрано од страна на Собрание. Ова на ниво на политичари треба да се пренесе, еден од нив да сака да оди на одмор или пак се разболе, немаат кворум за одлуки, изјави Даниловска.