Мицкоски му одговори на Мичел: Секогаш е најтемно пред зората

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговори на отвореното писмо што вчера до него го испрати помошникот на државниот секретар на САД, Вес Мичел, во кое тој му порачува оти е разочаран од деструктивната политика на македонската опозиција и неприфаќањето на договорот, со кој остануваме надвор од евроинтеграциските текови. Мицкоски се заблагодарува за поддршката што ја добиваме од САД, изразувајќи надеж оти многу скоро Македонија ќе биде дел од НАТО И ЕУ семејствата, но горда и достоинствена, а не понижена, обезличена и омаловажена. Тој потсетува дека процесот на преговори бил воден без создаден амбиент, авантуристички, манипулативно сокриен од јавноста, без вистинска стратегија и со лажни пораки. ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка сила била исклучена, па решението не било постигнато со конзенсус, а прашањето за референдумот било повеќезначно и збунувачко.

„Овој договор е штетен за интересите на мојата нација и татковина и како таков е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ и за огромното мнозинство на граѓани на Република Македонија, што впрочем и се покажа на последниот референдум каде што и покрај бруталното и насилничко полнење на кутиите од страна на луѓе блиски до владата, сепак на крај не успеаjа во намерата да обезбедат ни приближно услови за да референдумот биде прогласен за успешен. Имаме места каде што брутално и насилно се полнеа кутии и излезеноста е поголема од 90 отсто, иако долгогодишниот просек не надминува 45 проценти. Зарем тоа се вредностите во кои треба да веруваме? Зарем тоа е начинот како треба да се уништуваат демократските придобивки кои ги развивавме во годините на независна, суверена и самостојна Република Македонија? Зарем треба да останам нем на прашањата на моите студенти кога споредуваат примери каде се побиваат законите на физиката со гласање на секои пет секунди? Зарем европска вредност ли се заканите уцените кои ги доживуваа граѓаните директно од власта за да излезат и гласаат, лажното преставување на лица од власта и лобирање во време на референдумскиот молк, а да не споменувам за стотиците дисциплински мерки, уназадувања, санкции и отпуштања на вработените во државната администрација кои не го поддржаа договорот, или пак продолжувањето на политичкиот прогон врз неистомислениците на власта, нешто што за нас стана секојдневие и навика со која се научивме да живееме во нашето општество. Зарем треба да го премолчиме фактот дека сите институции молчат за тоа што се случуваше на денот на гласање на референдумот и она потоа?“, прашува Мицкоски.

Понатаму потенцира дека договорот од Преспа не може да придонесе за стабилноста, мирот и сигурноста, имајќи предвид дека убедливото мнозинство на граѓани го отфрли на референдумот, се менува уставот со цел промена на уставното име на државата, се поништуваат сите стекнати права на Република Македонија (резолуцијата на ОН за прием на РМ, времената спогодба со Грција и Хашката пресуда), членот 8 од договорот предвидува формирање на Комисија помеѓу двете држави за ревидирање на историјата, археологијата и образованието, трајно наштетувајќи на идентитетот на мојата земја и се откажуваме од грижата за македонските малцинства во други земји.

„Што се однесува до делувањето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени кои во моментот се во собраниска процедура, истото е плод на нашиот претходен став дека договорот не можеме да го прифатиме, кој беше едногласно прифатен, вклучително и од пратеничката група, а притоа црпејќи го легитимитетот од референдумот кој се случи. И можам да ве уверам дека доколку има некакви информации за закани, уцени или било какви обиди за влијание врз нивното одлучување и одлучувањето на било кој пратеник тогаш тоа е од кругови или поединци кои не се дел од структурите на мојата партија. Јас не прифаќам таков начин на делување и истиот го осудувам“, му пишува Мицкоски на Мичел.

Тој го обвинува премиерот Зоран Заев дека целиот процес му бил доверен на човек кој не е искрен во намерите и ветува нешта што не може да ги исполни, притоа е посипан со десетици афери, сомнежи за криминал и отсуство на секаква волја за расчистување со случаите на корупција и вистинско владеење на правото. На крајот од писмото му посочува на Мичел дека „секогаш е најтемно пред зората”.