Македонците меѓу најсиромашните на Балканот

Македонија е претпоследна во регионот кога станува збор за тоа колку се богати граѓаните, покажува картата на картографот Јакуб Марјан која ја прикажува распределбата на богатството во Европа.

Податоците прикажани на картата се темелат на анализата на швајцарската мултинационална финансиска компанија „Кредит Свис“, која го мери богатството со собирање на вредностите на финансискиот и другиот имот,а со одземање на вредноста на долговите. Објавената карта на Европа покажува средна вредност на тоа богатство по глава на жител во поединечна држава изразена во американски долари.

Според картата, во регионот убедливо најбогата е Словенија, чие богатство изнесува 42.000 долари по глава на жител и која е осум пати побогата од Србија, на пример, чие богатство изнесува 5.300 долари по глава на жител.

Македонските граѓани, според картата, се побогати само од Србите, а просечното богатство во нашата земја изнесува 5.700 долари по глава на жител.

Од Македонија побогати во регионот се Бугарија со 11.700 долари по глава на жител, Босна и Херцеговина со 8.900 долари, Хрватска со 18.000 долари по глава на жител и Албанија со 8.400 долари. На чело од Европската Унија се секако Германија и Франција.

Најбогата земја е Исланд, чие средно богатство изнесува дури 445.000 долари по глава на жител. Други две најбогати земји се Швајцарија и Луксембург, а зад нив се Норвешка, Франција, Германија и Велика Британија.
Интересно е што првите две места ги заземаат две земји кои не се членки на ЕУ, Исланд и Швајцарија.
Најсиромашни во Европа се Украина и Белорусија, чие богатство изнесува од 100 до 900 долари по возрасен жител.