Димитриеска-Кочоска: Јавниот долг е под контрола, ќе ја исполниме обврската за фискалана консолидација


Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека успешно се менаџира растот на бруто-домашниот производ и на јавниот долг, кој, според неа, е под строга контрола и сè уште е под 60 проценти од БДП. Како што изјави вечерва, состојбата со јавниот долг апсолутно не треба да загрижува и годинава ќе биде исполнета обврската за фискалана консолидација. 

– Не, апсолутно не треба да нѐ загрижува. Не само сега, туку многупати и во минатото сум зборувала, многу е важно за што се задолжуваме. Тоа е она исто, ако одите во банка и земете одредено кредитирање, тогаш прашањето во целата таа ситуација е дали тој кредит што ќе го земете за одредена инвестиција е оправдан или не. Ако погледнеме во изминатиот период, процентот на бруто-домашниот производ јасно кажува дека растот што сме го планирале, нели, го остваруваме. Сето тоа е резултат на тие нови задолжувања, така што мислам дека во изминатиот период успешно го менаџираме растот на бруто-домашниот производ и растот на јавниот долг, кој е под строга контрола да кажам и сè уште е под 60 проценти од бруто-домашниот производ – рече министерката Димитриеска-Кочоска во гостување на ТВ „Телма“.

Прашана колку ќе се зголеми буџетскиот дефицит со ребалансот на буџетот, посочи дека сѐ уште се работи и се анализираат состојбите според барањата на министерствата и оти врз основа на тоа ќе се констатираат конечните бројки. 

– Она што во моментот можам да го кажам кога станува збор за приходната страна, акцизите како резултат, пред сѐ, на мерките што имавме во изминатиот период поврзани со нафтата и нафтените деривати, таму можеби ќе имаме надолна корекција во однос на приходната страна. Пративме допис до Царинската управа со цел да видиме какви се нивните проекции, врз основа на тоа дали ќе видиме дали ќе коригираме. Како резултат на тоа, доколку нема одредени корекции на расходната страна, по автоматизам тука би била првата корекција на буџетскиот дефицит – информира Димитриеска-Кочоска.

Секој министер, посочи, има свој лимит во тековната година, кој е утврден во рамките на фискалната стратегија. Во изминатиот период имаше министри што направија реализација на своите расходи во првата половина од годината и како резултат на тоа дојде до повисок процент на реализација на буџетскиот дефицит, но, потенцира, тоа не значи дека во втората половина од годината имале план да имаат поголеми расходи.

– Единствено што можам со сигурност да кажам е дека она што ќе го дополниме (нормално ќе има и одредени пренамени во рамките на ставките од еден кон друг буџетски корисник) е дополнување на програмата АА или онаа позната Програма и финансирање за општините, кое го правевме, бидејќи тука сите министерства што во изминатиот период имаа проекти со општините пријавија висок процент на реализација. Еве и тоа можеби е една од причините поради што имаме повисок степен на реализација – рече Димитриеска-Кочоска.

Потенцира дека и годинава ќе ја исполниме обврската за фискалана консолидација, која, посочи, значи дека секоја следна година треба да имаме понизок буџетски дефицит во однос на претходната година. 

– Во тој дел не можам да кажам дека ќе има одредени отстапувања. Сме го ветиле моментот со фискалната консолидација и тоа ќе го направиме – рече министерката.