Николоски ја сврте плочата – во јануари ги поддржа протестите на транспортерите, сега вели не се најдобро решение
Вицепремиерот денес изјави дека прашањето е во надлежност на ЕУ и Шенген зоната и дека државата презема чекори преку склучување билатерални договори со одделни земји
Вицепремиерот Александар Николски денеска изјави дека протестите на транспортерите, кои евентуално ќе ги организираат доколку во септември не се најде решение за нивниот престој во Шенген зоната, „не се најдобро решение“. Ова е дијаметрално спротивно од ставот во јануари годинава кога целосно застана зад блокадите на граничните премини, организирани од превозниците. Тој смета дека најавата за блокади има политичка заднина и дека е потикната од една од засегнатите земји од Западен Балкан, поточно од Србија, иако тоа денеска не го кажа експлицитно. Николоски, сепак, рече дека ги поддржува напорите на превозниците кои сега бараат нивниот престој земјите од Шенген да се мери во часови, а не во денови, и нагласи дека како Влада прават напори проблемот да се реши билатерално преку договори кои ќе овозможат продолжен престој на превозниците, барем во оние земји со кои Македонија има развиена надворешно трговска размена.
На директно новинарско прашање при неговата посета на М-НАВ, дали како Влада ќе ги поддржат евентуалните протести ако во септемви не се изнајде решение за проблемот на превозниците, Николски одговори дека не мисли дека протестите се решение.
„Мислам дека е поконструктивно да наоѓаме решенија и не мислам дека протестите се решение. Секако, тие се крајна форма но ние наоѓаме решенија во изминатиот период и ќе продолжиме да наоѓаме“, рече Николоски.
Тој додаде дека она што го „добил како чувство“ е дека „една соседна земја прави притисок за таа работа од политички причини“.
„Нека си ги решаваат своите проблеми, ова е индивидуален пристап кој што ние го имаме, а не колективен. Ние сме засебна суверена независна држава и ќе ги решаваме проблемите онака како што мислиме дека е најдобро. Другите држави нека ги решаваат како што тие мислат дека е најдобро. Не смееме да паѓаме во една замка на колективизација на проблемите. Знаете дека долго време има обид целиот регион да биде претставен како едно, како Западен Балкан, јас со тоа не се согласувам, за некоја недела ќе славиме 35 години независност, враќање назад мислам дека е најлошата работа што може да ѝ се случи на државата“, изјави Николоски.
Инаку, во вторникот, на 11 овој месец, во Скопје се одржа регионална средба на здруженијата на превозниците од Македонија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина, на која што беше посочено дека ќе се чека до 1 септември кога во Брисел е закажан состанок на повисоко ниво со претставници на Европската комисија од чиј исход ќе зависи дали ќе преминат кон протести.
Претставниците на здруженијата на транспортерите нагласија дека не сакаат да протестираат, но дека ако бидат приморани ќе го преземат овој чекор со тоа што протестите нема да прекинат како минатиот пат, туку ќе траат до исполнување на нивните барања за престој на професионалните возачи во Шенген зоната.
„Ние ќе бидеме трпеливи, ќе се трудиме да направиме шеми за движење на возачите. Сега е период на годишни одмори, меѓутоа она што следува од септември натаму ќе биде многу трагично ако не најдеме решение. Не сакаме да му наштетиме на никого, ниту на Европска Унија, ниту на нашите држави, а најмалку на нас самите превозниците, но ако сме принудени ќе организираме протести со коишто уште еднаш ќе ги потсетиме сите дека сепак постои проблем којшто треба да се реши“, изјави Биљана Муратовска, генерален секретар на Асоцијацијата на превозници, Макам-транс.
Преодното решение што го предлагаат е 90-те дена престој во Шенген да се сметаат во часови, а не во календарски денови, со нов почеток на пресметката од денот на воведувањето на таков систем. На овој начин, би се сметало вистинското време поминато на Шенген територијата, а денот на влез и денот на излез нема автоматски да се сметаат како цели денови.
Според правилата, денот на влез се смета како прв ден на престој, додека денот на излез се смета како последен. На овој начин, како што велат превозниците, професионалните возачи честопати губат цел ден од својот престој поради чекање на границите, иако остануваат на Шенгенската територија само неколку часа.
Превозниците го анализирале реалното време што возачите го поминуваат на Шенгенс зоната и утврдиле дека нивниот престој е значително пократок од 90-те дена дозволени според правилото „90 дена за 180 дена“.
Превозниците проблемот го ескалираа уште во јануари годинава кога ги блокираа границите за превоз на производи, предизвикувајќи значителни економски штети за националните економии, но и за странските компании кои имаат свои подружници во земјите каде што се протестираше (Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина).

Тогаш меѓутоа, ставот на Николски за протестот и за блокадите беше дијаметрално спротивен. Николоски им се придружи на превозниците на граничниот премин Блаце, каде што изјави дека „Владата го подржува протестот на транспортерите“, како и дека „ЕУ мора да го олесни пристапот за професионалните возачи“.
Како што се вели во тогашното официјално соопштение од Министерството за транспорт, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, на ГП Блаце „даде силна подршка на домашните транспортери кои од стапуваат во седумдневен предупредувачки протест заедно со превозниците од Србија, Црна Гора и БиХ во знак на револт против новите правила за електронската евиденција во шенген зоната“.

Притоа, тој тогаш (26 јануари 2026, заб.) изјави:
„Би сакал да искажам подршка во мое име и во име на Владата на овој протест на превозниците и тоа е причината зошто сум денеска на овој граничен премин, затоа што овој протест е предупредувачки. Превознциите сакаат да покажат што ќе се случува од 10 април па натаму. Ова е едно предупредување и сметам дека е навремено со цел да се искористат месеците февруари и март и земјите членки на шенген зоната да изнајдат решение“, изјави Николоски, додавајќи дека во принцип име три возможни решенија, првото е да се одложи примената на електронскиот систем за превозниците, второто е да се зголеми бројот на денови кои што можат да ги поминуваат од сегашните 180 на 250 денови во шенген зоната, соодветно поделено во циклуси и третото решение е да не се третираат како туристи, туку да се третираат како професионалци и врз основа на тоа или да бидат исклучени од овие правила и соодветно со работни визи како што прави Швајцарија, тоа да се уреди и на тој начин да можат слободно да транзитираат низ земјите од шенген зоната.
За жал, Европската Унија сè уште не донела трајно системско решение со кое професионалните возачи од Западен Балкан би биле изземени од општите шенгенски ограничувања. Иако здруженијата на превозници инсистираат возачите да се третираат како професионалци, тие сè уште подлежат на строго ограничување за престој во Шенген зоната.
Николоски денес рече дека прашањето е во надлежност на Европската Унија и Шенген зоната, но додаде дека државата презема чекори за надминување на последиците преку склучување билатерални договори со одделни земји.
Тој потсети дека Македонија веќе има такви договори со Хрватска, Швајцарија и Романија, додека интензивно се работи на договори со Австрија, Унгарија и Германија.
„Очекувам во текот на октомври да започнеме разговори и со Словенија и на тој начин да бидат покриени земјите каде што нашите превозници најчесто работат или транзитираат“, најави Николоски. (М.Ј.)