Македонската асоцијација за управување со цврст отпад – MaSWA од септември со нов циклус обуки за управување и постапување со отпад


Македонската асоцијација за управување со цврст отпад (MaSWA) од септември започнува нов циклус акредитирани професионални обуки наменети за стручно, теоретско и практично оспособување во областа на одржливото управување и постапување со отпад. Обуките обезбедуваат сеопфатна подготовка за полагање на стручниот испит за управување и постапување со отпад, согласно законските барања и предвидената програма.

Програмата е креирана со цел учесниците да се стекнат и унапредат своите професионални знаења и практични вештини за управување со различни видови отпад, истовремено стекнувајќи подлабоко разбирање на законските обврски, современите практики во оваа област, заштитата на животната средина и релевантните социјални аспекти.

Особено внимание во рамки на обуките ќе биде посветено на детална разработка на законските прописи и нивната примена во практиката, како и на добрите меѓународни практики за одржливо управување со отпад. Преку комбинација на теоретска и практична работа, учесниците ќе имаат можност да ги продлабочат своите знаења, да разменат искуства и мислења со колеги и професионалци од областа и подобро да се подготват за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневната работа. Во претходните циклуси на обуките учествуваа претставници на локалните и државните институции, големи компании и мали и средни претпријатија, компании кои вршат дејности поврзани со управување со отпад, како и други професионалци од областа.

Обуките се особено значајни и за кандидатите кои се подготвуваат за полагање на стручниот испит за Управител со отпад, бидејќи програмата овозможува систематизирање на потребните знаења и подобро запознавање со одговорностите и обврските што произлегуваат од оваа професионална функција.

Поради комплексноста и разновидноста на темите, MaSWA обезбедува тим од реномирани експерти од областа на одржливото управување со отпад, заштитата на животната средина и климатските промени. Станува збор за стручни лица со практично искуство и работа на национално и меѓународно ниво, кои во текот на обуките применуваат интерактивен пристап и различни техники и алатки за активно вклучување на учесниците.

Покрај стекнувањето нови знаења и професионални компетенции, програмата создава можност и за вмрежување со професионалци од секторот, размена на искуства и дискусија за актуелните предизвици и решенија во управувањето со отпадот и заштитата на животната средина.

Повеќе информации за програмата, значењето и одговорностите на Управителот со отпад, како и за процесот на регистрација, се достапни на веб-страницата на Македонската асоцијација за управување со цврст отпад – www.maswa.org.mk.