Македонското небо добива највисоко ниво во контрола на безбедност, поставен нов АТМ систем во М-НАВ


Поставувањето на новиот АТМ систем во М-НАВ е од исклучително значење  за повисоко ниво на безбедност, сигурност и ефикасност во управувањето со воздушниот сообраќај, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски при посетата на М-НАВ и контролната кула Скопје. 

Значењето е уште поголемо ако се земат бројките дека има преку 12 проценти зголемување во првите шест месеци од 2026 година во однос на 2025 година на бројот на прелети над македонското небо.

-АTM системот е технолошко решение кое што директно ќе придонесе за повисоко ниво на безбедност, сигурност и ефикасност во управувањето со воздушниот сообраќај и со воведувањето во употреба, М-НАВ добива комплетно ново решение. Она што можам да го кажам е дека во 2026-тата година, во првите шест месеци имаме прелет на 173.000 воздухоплови над македонскиот воздушен простор. Тоа се и оние коишто слетуваат на нашите аеродроми, но и оние коишто прелетуваат. Само за споредба, тоа е зголемување од 12,2% во однос на 2025, 23% во однос на 2024 и 27% во однос на 2023 година, а само во јули месец низ македонскиот воздушен простор имаме 42.000 прелети – истакна Николоски. 

Како што рече овој систем е поврзан со скандали во владата на СДСМ и ДУИ, но со поставување на новото раководство на М-НАВ, со добра координација системот е инсталиран и ставен во функција. 

-Набавката е започната уште во 2014 година, а договорот е склучен во 2018 година со италијанската компанија Леонардо. Од 2018 до 2024 година нема никакви активности, со тоа се соочуваа и истражните органи во изминатиот период. Со изборот на новото раководство на М-НАВ почна интензивна работа, со што еве денес сведочиме на ставање во целосна функција на ATM системот – изјави Николоски. 

Во 2025 година поставен е и новиот радарски систем на контролната кула во Скопје и истиот е во завршна фаза на тестирање.

-Слична е и судбината со радарот. Имено, радарот првпат договорот е потпишан во 2022-рата година, но до 2024-тата година нема никакви активности. Во 2025-тата година новото раководство на М-НАВ започна со активности — градежни активности и сите потребни останати активности — за целосна инсталација на новиот радар. Новиот радар веќе е на контролната кула и во моментов се вршат потребните тестирања. Во текот на септември или октомври месец ќе биде целосно ставен во функција, со што македонското небо ќе има највисок систем на контрола и највисок систем на безбедност. Со воведувањето на овие два системи — ATM системот и новиот радар — целосно го покриваме македонското небо на највисоко ниво што во моментот во светот може да се најде на контрола на безбедност –  истакна Николоски.

Според директорот на М-НАВ, Владимир Ристевски, ставањето во употреба на новиот АТМ систем претставува еден од најзначајните чекори во модернизацијата на македонската контрола на летање, со кој се обезбедуваат повисоко ниво на сигурност, поголем капацитет и подобра ефикасност на воздухопловната навигација.

-Со новиот АТМ систем пред сѐ ја стабилизираме М-НАВ како давател на услуги во воздухопловната навигација и обезбедуваме повисоко ниво на сигурност и континуитет во давањето на услугите. Ова е особено важно во период кога воздушниот сообраќај низ македонскиот воздушен простор бележи енормен пораст – нагласи Ристевски.

Појасни дека една од најзначајните придобивки е намалувањето на оперативното оптоварување на контролорите на летање преку подобра автоматизација и современи алатки за обработка и презентација на податоците.

-Со подобра автоматизација и современи алатки се создаваат услови контролорите поефикасно и побезбедно да се справуваат со поголем број воздушни операции, што директно влијае врз зголемување на капацитетите на македонскиот воздушен простор – посочи Ристевски.

До крајот на септември, како што најави, се очекува во употреба да биде ставен и новиот радар инсталиран на контролната кула на Меѓународниот аеродром Скопје, кој во моментов е во фаза на тестирање.

Кога бевме поставени како Управен одбор во ноември 2024 година, радарот не беше ни доставен во Македонија. Успеавме да го донесеме, да го деинсталираме стариот и да го инсталираме новиот. По завршување на тестирањата, тој ќе биде интегриран во АТМ системот и ќе овозможи побезбедно справување со полетно-слетните операции, како и подобро покривање на македонскиот воздушен простор со радарска слика, рече директорот на М-НАВ.
Ристевски информираше дека компанијата планира и набавка на нови навигациски уреди за полетување и слетување на воздухопловите, како и нови ВОР-системи што се користат во воздушната навигација.

Во тек е и подготовка на техничка спецификација за набавка на нов АМХС-систем за управување со воздухопловни пораки, кој ќе овозможи поефикасна комуникација со соседните контроли на летање, Еуроконтрол, авиокомпаниите и останатите чинители во европскиот воздушен сообраќај.

Ристевски се заблагодари на вработените во М-НАВ, особено на контролорите на летање и воздухопловно-техничкиот персонал, за нивниот ангажман во процесот на имплементација на новите системи.

Тој ја истакна и соработката со Владата, Министерството за транспорт и Агенцијата за цивилно воздухопловство, оценувајќи дека институционалната поддршка била од исклучително значење за реализацијата на проектите за модернизација на македонската воздухопловна навигација.