„Македонскиот јазик“ на Димитров вест во Грција

Атина – „Димитров: Ние сме Македонци и ќе говориме македонски јазик“; „Димитров оптимист за резултатот од референдумот во Скопје“; „Димитров: Референдумот ќе ја одреди иднината на Македонија“; „Димитров за Договорот од Преспа: Историска можност да се затвори едно тешко прашање“; „Димитров во ЕУ: Ќе бидеме Македонци и ќе говориме македонски јазик“; „Димитров пред европскиот парламент: Јас сум Македонец“; „Димитров: Во иднина ќе се прашуваме зошто договорот не беше постигнат на почетокот на 90те“, се дел од насловите во грчките медиуми за вчерашното обраќање на шефот на македонската дипломатија пред членовите на Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент во Брисел.
Онлајн изданијата на медиумите во Грција, во најголем дел, го презедоа текстот од грчката новинска агенција АНА-МПА, а акцентот го ставија како на изјавата на министерот за надворешни работи за референдумот, но и на одговорот до грчкиот европратеник во однос на македонскиот јазик и идентитет.
– Решеноста на владата на ПЈРМ да го добие референдумот на 30 септември во врска со Договорот од Преспа ја изрази министерот за надворешни работи на земјата Никола Димитров, говорејќи во средата на Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент во Брисел. За време на размената на мислења со европратениците од Комитетот, за неодамнешните напори за решавање на прашањето со името, односите ЕУ-ПЈРМ, како и за реформаторската агенда на земјата, Димитров го изрази неговото задоволство за фактот дека многу земји од ЕУ го признаваат напредокот што го постигна неговата земја во областите како што се владеењето на правото, јавната администрација и борбата со корупцијата и ја изрази решеноста на владата на ПЈРМ да „инвестира“ во пристапниот процес во ЕУ, пишува на почетокот на текстот од грчката новинска агенција.
Дописникот од Брисел за грчкиот информативен портал на весникот „Реал њуз“, реал.гр, го пренесува ставот на Димитров дека референдумот не е правен предуслов што произлегува од договорот „туку се сметаше за неопходен за да се постигне двотретинско мнозинство во парламентот за уставна ревизија“.
– Никола Димитров ја опиша содржината на Договорот од Преспа, се осврна на внатрешните случувања во неговата земја во врска со правната и техничка подготовка за интеграција и испрати порака дека ПЈРМ не треба повеќе да чека во чекалната за пристапни преговори, објаснувајќи дека доцнењето завршено од 2009 и првиот позитивен извештај на Комисијата, „ја дезориентираше земјата, направи да го загуби национални компас“ и додаде дека цената за инвестирање во „демократски и европски Балкан“ е многу помала од потенцијалната цена да се остави регионот на судбината, вклучително и во однос на безбедноста, пишува информативниот портал реал.гр.
Грчките медиуми ги пренесуваат и ставовите на европратениците од Грција за време на расправата во Брисел.
– Европратеникот од Нова демократија, Манолис Кефалојанис рече дека „македонски идентитет и македонски јазик“ не можат да бидат прифатени во Грција и го праша Димитров како ќе се нарекува народот на ПЈРМ по Договорот од Преспа. „Јас сум Македонец“, рече Димитров и додаде дека „кога Договорот ќе стапи во сила, мојата земја ќе се вика Република Северна Македонија и ќе бидеме Македонци кои ќе говориме македонски јазик“, пишува „Катимерини“, пренесувајќи дел од текстот објавен од грчката новинска агенција АНА-МПА.
Европратеникот од СИРИЗА и потпретседател на Европскиот парламент, Димитрис Пападимулис на неговиот Твитер профил сподели текст посветен на вчерашната расправа и коментар дека „сите политички групи на ЕП топло го поддржуваат Договорот од Преспа за македонското прашање“ и додаде дека Нова демократија е „целосно изолирана, дури и во рамките на ЕПП“, бидејќи „исто како и ВМРО се противат на договорот со заемно негирачки аргументи“.