Македонија со Лазаров и по Лазаров

Сашко Ѓ. Димовски

Македонската ракометна репрезентација го „одбрани“ 15 место на Светското првенство во Германија и Данска од мундијалот во Франција во 2017 година. Дали можеше подобро или не? Дилеми има многу, како што секогаш имало и одговорот на нив е тешко да се даде, бидејќи се условени од многу фактори. Не е еден или два, па да се рече – тоа и тоа е проблемот и да се работи на негово решавање. Некој ќе впери прст во селекторот, некој во пренагласената употреба на тактиката „седум на шест“, некој во играчите, некој во помладите во ростерот, некој во изборот на ракометари, некој во нивната минутажа по клубови, некој во работата по клубови, некој во искуството итн.

Може да има мал милион „некој“ и, исто така, во нешто. Но, една работа треба конечно да се обединиме – фактот дека секој настап на големи натпреварувања во која било спортска дисциплина е успех сам по себе. Сето останато е како бинго. И не треба да се занесуваме дека сме кој знае каков фактор во спортот, бидејќи сме лимитирани во секој поглед. Не дека не можеме, туку колку можеме. Сѐ додека се „палиме“ на клупскиот успех на Вардар во Лигата на шампиони и на петтото место на ЕП 2012 во Србија ќе доживуваме фатаморгана.

Каква-таква, Македонија беше и сè уште е конкурентна со Кире Лазаров. Прашањето, она суштинското е што и како по него, во кој правец ќе се движи националниот тим. Не можеме вечно да полагаме надежи во десниот бек од светски калибар дека ќе игра и ќе биде наш адут и на 40+ години. Ќе дојде денот кога ќе добие биолошки знак дека е доста, дека е крај. Не можеме вечно да очекуваме од него да трча, скока и „решета“ како што го правел тоа на 25 години. Истото важи и за сите останатите без исклучок. Борко Ристовски по мечот со Чиле рече дека „очекувал поголема помош од помладите“, Манасков порача дека е „срамота Кире на 40 години да се тепа 60 минути, а некој да се влече по терен“, со што левото крило на „Веспрем“, исто така, алудираше на помладите во тимот. Пред заминување за Германија, Раул Гонзалес во една пригода истакна дека не знае што и колку да очекува од помладите, за Кире, пак, селекцијата беше непознатица по напливот на младите.

„Црвено-жолтиот“ ракометен брод во Минхен и во Келн влечеше на десно, на страната на којашто беше Лазаров. За рамнотежа требаше контратежа што ја немаше во репрезентацијата. Некои велат дека невидливоста на младите било последица на тактиката „седум на шест“, други, пак, на агресивноста на противничките селекции, на нивните системи во одбрана, трети што се ендемски спортски видови се повикуваат на отсуство на среќа… Особено на ова последното не се вадат големи состави како хрватскиот, по чиј пораз од Бразил, Домагој Дувњак беше јасен дека „нема среќа или несреќа, едноставно бевме лоши“. И сѐ е кажано. Кај нас сè уште се присутни „експерти“ за кои немањето среќа се истакнува како причина за пораз. Понекогаш прстот ќе се впери и кон судиите, но никако да се голтне кнедлата и да се признае „дечки, тапа бевме“.

Затоа предлог до ЕХФ и ИХФ за промена на правилата – Македонија секогаш да напаѓа со човек повеќе, но и со голман меѓу стативите, гол од брз центар да не важи, додавањата за пасивен напад наместо шест да бидат 12, противникот да не лепи „фластер“ и во одбрана да игра во формација 6-0 без трансформација во 5-1-, 4-2 или 3-2-1. За да може да се дојдеме до израз, бидејќи сме во процес на созревање што ќе трае две-три години, можеби уште повеќе, а можеби повеќе од деценија.

Раул Гонзалез во Келн нотира дека „јавноста прашува за иднината, а не ја гледа сегашноста“. Селекторот со тоа, меѓу редови, јасно порача дека иднината е, во најмала рака, неизвесна. За надеж во иднина, треба да се има реална основа во моментот, оти колку поголеми се очекувањата толку поголеми ќе бидат разочарувањата. А, што се однесува до него, Македонија во наредниот период или до наредното ЕП (ако се пласира, во што се надеваме) ќе треба да трага и по наследник. Шпанецот изрази недоумица дали ќе ја води репрезентацијата против Исланд во квалификациите.

За некого тоа е неизвесност плус, но тој, макар и обвиено како обланда, јасно стави до знаење дека е решен на целосно повлекување од земјава по заминувањето од Вардар летоска и фокусирање на обврските кон ПСЖ. На крајот на краиштата си води сметка и за сопствениот имиџ на тренер од светски калибар, па веројатно не му е сеедно што пред две години се искачи на клупскиот ракометен покрив на Европа, а сега е 15. на планетата со репрезентација со материјал за бермуди, но не и за панталони.