Македонија се враќа на мапата на НАТО

Македонија се враќа на мапата за прием во НАТО по застранувањето во друг правец претходните години. Тоа е главната порака околу првата посета на генералниот секретар на оваа организација, Јенс Столтенберг, откако е дојден на функцијата.
Иако неговата посета е практично рутинска – на земја кандидат за членство во НАТО и се случува на наша покана, од суштинско значење е политичкиот моментум во кој таа се реализира – со оглед на интензивирањето на процесот за надминување на спорот за името, додека на внатрешен план почнува имплементацијата на реформската агенда. Во таа агенда се вклучени внатрешно-политичките критериумите што во меѓувреме се „накалемија“ на проблемот со Грција, кој пред десет години беше лоциран како единствена пречка за евроатлантскиот пат на земјата.
„Ако во 2008 година името беше единствена препрека за членство на Македонија во НАТО, сега тоа е само една, односно најголема препрека на тој пат. Во последните години се влошија повеќето критериуми за Македонија, посебно по избувнувањето на кризата, која практично ѝ наштети на нашата кандидатура“, вели Стево Пендаровски, национален координатор на Македонија за НАТО.
Тој посочува дека кризата почна со откривањето на масовното прислушување и со објавувањето на „бомбите“ на тогашната опозиција. Тој скандал укажа дека е направен голем упад во безбедносниот систем на државата. Стабилноста на безбедносниот систем, вели, е критериум од круцијално значење за НАТО.
„Скандалот со прислушувањето остави голема дамка на нашата кандидатура. Како е можно држава која е претендент за влез во Алијансата да дозволи толкав упад во безбедносниот систем. Ако тоа го го правела власта, тогаш пораката е дека во земјата нема демократија. Ако го правел некој друг, тогаш прашањето е како земја во која се случил толкав упад во безбедносниот систем да биде примена во системот на НАТО“, вели Пендаровски.
Според него, иако посетата на Столтенберг на Македонија е дел од неговата редовна агенда, мошне значајно е што таа се случува во време кога новата влада покажува сериозна намера да го реформира системот, без блефирања и козметички интервенции како што, оценува тој, правеше претходната владејачка гарнитура.
„Реформите во полицијата и во безбедносниот сектор се мошне важни за членството во НАТО, паралелно со решавањето на спорот со Грција. Разликата е во тоа што внатрешните реформи зависат од нас самите, додека проблемот со името зависи и од другата страна во преговорите. Сега сите напори се насочени кон постигнување на критериумите пред јулскиот самит во Брисел, кога Македонија треба да излезе со чиста кандидатура за да може да се надева на покана за членство“, вели Пендаровски.
По вечерата со премиерот Зоран Заев в среда, в четврток Столтенберг има набиена агенда на средби со државниот и политичкиот врв на земјава. Се најавува и средба со претставници на специјалното јавно обвинителство, чие формирање се смета за пресвртница во напорите за надминување на кризата во земјава, така што се очекува Столтенберг да испрати порака дека мора да се разрешат и процесираат сите случаи кои произлегоа од масовното нелегално прислушување.
Покрај средбите со премиерот Заев и претседателот Ѓорге Иванов, предвидено е генералниот секретар на НАТО да оствари посебна средба и со спикерот Талат Џафери, кој е прв Албанец на чело на македонскиот парламент, што се смета за влог во имплементацијата на Рамковниот договор и во соживотот, што се исто така важни критериуми за нашето зачленување во НАТО. Столтенберг ќе се сретне и со лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, како и со министрите за одбрана и за надворешни работи, Радмила Шекеринска и Никола Димитров. Мошне значајна е неговата средба со новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со оглед на тоа што се очекува генералниот секретар на НАТО да сугерира ревитализација на политичкиот дијалог во земјава и вклученост на опозицијата во реформскиот процес. Од друга страна, сѐ уште е неизвесно дали опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати в четврток во парламентот за да го следи обраќањето на Столтенберг пред пратениците, со оглед на речиси двомесечниот бојкот на пратеничката група на партијата.
Според дипломатски извори, генералниот секретар на НАТО во Скопје ќе испрати пораки на поддршка на новата влада и за реформите што таа ги презема, дека ќе го реафирмира ставот за интеграција на Македонија во Алијансата и дека ќе ги поздрави напорите за решавање на спорот за името, апелирајќи тоа прашање што поскоро да се симне од дневен ред, како и другите обврски што ги доби Македонија во завршниот документ од Самитот на НАТО во Варшава. Во него, покрај проблемот со името, се посочува дека нашата земја треба да гради пријателски односи со соседите, функционално мултиетничко општество, вклучувајќи ја и целосната имплементација на Охридскиот рамковен договор. Во варшавското комунике се посочува и на важноста од целосна имплементација на договорот од Пржино, кој претставуваше решение за политичката криза во земјата, а се потенцира и значењето на политичкиот дијалог, кредибилноста на изборите, владеењето на правото, независноста на судството и слободата на медиумите.
Александра М. Митевска
Шекеринска: Столтенберг нема да го решава прашањето за името

Посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, е порака сама по себе, оцени вчера вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.
„Тоа значи дека во изминатите шест месеци успеавме да ја вратиме Македонија на евроатлантската патека и успеавме да ги неутрализираме сите лоши вести кои во изминативе години доаѓаа во континуитет во земјата. Успеавме на Македонија да ѝ отвориме нова шанса“, изјави Шекеринска.
Според неа, посетата на Столтенберг е можност Македонија да се претстави во поинакво светло, како држава која ги решава своите проблеми, која работи на својот приоритет и која реално верува дека членството во НАТО и во ЕУ значат поголема сигурност и поголем просперитет на граѓаните.
Главната цел на посетата, како што оценува шефицата на одбраната, е Столтенберг да слушне и од наша страна што е она што сме го сработиле и какви се нашите планови.
„Во делот на одбраната има со што да се пофалиме – со податоци за зголемен буџет, со веќе зголемено учество во мисијата на НАТО во Авганистан и со нови политики на транспарентност и интегритет“, изјави Шекеринска.
За спорот со Грција, таа вели дека проблемот со името, за жал, стана еден од многуте проблеми кои НАТО ги нотираше во последниот извештај.
„Посетата на генералниот секретар не е подарена, туку заслужена, тоа не е доволно за членство, но сепак покажува дека сме тргнале на вистинскиот пат. Столтенберг нема да го решава проблемот со името, тој ќе ја прати пораката дека кога една држава сака да стане членка на НАТО и ги влече вистинските потези – го гарантира владеењето на правото и основните вредности, кои се во основата на Алијансата, дека тогаш таа добива шанса за членство“, оцени Шекеринска.