Македонија утре ќе го гласа новото име

Иако на седницата за финализирање на уставните измени не се очекуваат изненадувања, а на улиците протестираат мал број противници, атмосферата во земјава, барем за момент, излезе од вообичаената апатија. Уште од претпладневните часови улиците во центарот на Скопје беа блокирани. Многубројни полициски сили со борни возила се стационираа околу зградата на Собранието, а во парламентот се вршеа последните координативни состаноци меѓу пратеничките групи.

Довчерашниот координатор на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, кој во неочекуван момент го напушта парламентот и заминува на директорската функција на Агенцијата за цивилно воздухопловство, го одложи стартот на седницата закажан точно напладне. Четири часа им требаа на службите да ја констатираат неговата одлука и да му направат место на Рубин Земон. Во собраниските ходници ја немаше непријатната атмосфера што тлееше на 19 октомври лани, кога првпат требаше да се гласа за уставните измени. Причина за тоа, веројатно, е во обезбеденото двотретинско мнозинство што јавно го соопшти генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацоски.

Обезбедена е поддршката на минимум 80 пратеници за усвојување на уставните измени. Преку нив Република Македонија станува дел од ЕУ и од НАТО. Често ме прашуваат дали обезбедивте двотретинско мнозинство. Јас таа фраза ‘обезбедени пратеници’ не сакам да ја користам, туку имам информации дека минимум 80 пратеници, впрочем и нешто над 80 пратеници, се уверија дека иднината на република Македонија е единствено во НАТО и во ЕУ, а тоа е условено со Преспанскиот договор и уставните измени што треба да се случат најдоцна до петок неделава“, рече Кирацоски.

Наводно, до последен момент проблем создавале двајцата пратеници на крилото на Билал Касами од Беса, кои инсистирале на нивното барање да се избрише зборот македонско државјанство и да стои само државјани на Северна Македонија. Со ваква солуција не се согласувале пратениците од независната група, чии осум гласа беа пресудни во првата фаза кога се отвораше Уставот.

Додека пратениците од власта чекаа да почне седницата, од опозицијата тука и таму ќе се појавеше некој нивни член. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ беше да не се учествува во расправата и со тоа да не се даде легитимитет на уставните промени бидејќи ги сметаат штетни и против волјата на народот.

Ова е финалниот акт на еден срамен процес во кој Република Македонија е втурната од страна на премиерот Зоран Заев и владејачкото мнозинство. До промената на Уставот, со цел промена на уставното име, се доаѓа не по демократски пат туку преку акт на насилство врз процедурите, уцени и закани врз пратениците и нивни блиски. Северна Македонија, можеби, е на Заев и тесните соработници кои преку промена на името сакаат да си ја сочуваат позицијата и привилегиите што тие ги носат, но мојата татковина и на граѓаните е Република Македонија, онаа за која мнозинството гласаше на референдум на 8 септември 1991 година“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој рече дека власта ги обезбедила потребните гласови благодарејќи на Специјалното, како и на Основното јавно обвинителство, кое ги уценувало и притискало пратениците од опозицијата да гласаат „за“. Најави дека го задржува правото на мирен протест и им се придружи на насобраните граѓани пред Собранието. Тие бараа од него да се обрати на импровизираната бина, а откако одби – беше исвиркан од дел од нив. Подоцна од партијата соопштија дека не сакале да ја злоупотребат ситуацијата, а меѓу насобраните имало „инфилтрирани луѓе од страна на власта што сакале да го дефокусираат протестот“. Мицкоски најави дека ќе се обрати на денешниот протест, но како граѓанин, заедно со други говорници.

Протестите ќе траат сè додека трае расправата во Собранието. Законски, дискусијата може да се одолговлекува и 12 дена, но извори од владејачкото мнозинство велат дека сè ќе биде готово в петок. Доколку барем 80 пратеници дигнат рака „за“, Македонија го завршува својот дел од спогодбата, по што процесот се сели во Грција. Во парламентот во Атина, исто така, ќе биде потребно мнозинство за да се потврди договорот од Преспа. Доколку биде обезбедено, земјите членки на НАТО ќе добијат уверување дека процесот е завршен, по што ќе можат да почнат со ратификација на поканата на нашата земја за членство во воениот сојуз. Доколку се случи чудо и грчкиот парламент рече „не“ за Преспанскиот договор, нема да важат уставните измени што ги гласа Македонија, спогодбата не важи и работите се враќаат по старо, какви што беа пред Никола Димитров и Никос Коѕијас да го потпишат документот во Мала Преспа.

Горан Адамовски