Кревањето и падот на Груевски

Насер Селмани

Минатата недела Мисијата на ОБСЕ во Скопје приреди прием по повод новогодишните празници на кој дојдоа многу гости. Како што се пробивав по гужвата, ненадејно наидов на поранешниот премиер Никола Груевски, придружуван од еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ. Нормално, куртоазно се поздравивме и се ракувавме. Го прашав како сте господните Груевски? Одговори, да речеме добро, а јас му возвратив, ќе биде добро, иако искрен да бидам не го мислев тоа. Човекот ми изгледаше прилично изморен, исплашен, остарен, ослабен и некако без енергија.
Ова беше првпат да го видам Груевски по паѓањето од власт. Не беше оној стариот Груевски, кој бевме навикнати да го видиме порано, самоуверен со некоја постојана цинична насмевка на лицето. Што би рекол нашиот народ, вистински кападаија!

Откако се разминав со Груевски, имав помешани чувства во себе. Дали искрено го жалев човекот или, пак, потсвесно му се ситев. Не знам, веројатно повеќе го жалев, како еден од најконтроверзните актери на модерната македонска политика, кој ја испушти шансата да стане икона на македонскиот успех. Во големата политика влезе како добар познавач на економијата, а заврши како мало диктаторче.
Има една стара албанска поговорка, која вели „Паметот везир, паметот резил“, што во превод би значело дека од сопствениот ум зависи дали ќе бидеш успешен или лузер во животот. Иако Груевски за неговото неславно паѓање милува да ги обвинува сите други освен не себе, сигурен сум дека разбира дека кај него лежи целата одговорност за падот на ВМРО-ДПМНЕ од власт. И не само тоа, со обидот со насилно сценарио да ја задржи власта, ја доведе земјата на работ на граѓанска војна.

Кои се најголемите утки на Груевски за неговото неславно паѓање од власт? Гледано од формален аспект, тој може да се смета за успешен политичар. Единаесет години премиер во балканска земја со колоритна структура на населението и со интересни соседи, не е мала работа. Меѓутоа, владеењето на Груевски ѝ нанесе толку штети на Македонија што со тие последици ќе се занимаваме подолго време во иднина.
Но овој пат немам намера да зборувам за штетните политики на Груевски, туку за неговите лоши одлуки поради кои падна од власт за да послужи како урнек на новата власт како не треба да се однесува ако сака одговорно да владее со Македонија.

Груевски за време на неговото владеење без никаква потреба, речиси поради свои хирови, создаваше смртни непријатели, со цел лажно да се претставува кај поголемата заедница како најголем Македонец. Но заборави дека потценувањето на непријателите е најголема грешка на еден владател, што може да го плати со сопствената глава.
Имагинарните непријатели на Груевски на крај станаа вистински непријатели, кои со една заедничка акција едновремено му ја повлекоа чергата. Друго сценарио за него не ни можеше да има, освен главачки да падне.

Но, што ми е муабетот? Ако добро се анализира владеење на Груевски, со сигурност може да се заклучи дека долгото останување на кормилото на власта не се должи на неговата умешност и политички вештини, туку на размонтираната македонска опозиција и на партиите на Албанците, како и на незаинтересираноста на меѓународниот фактор.
Дефинитивно, Груевски како лидер на политичка партија покажа дека не знае да изгради здрави односи на доверба, почитување и соработка со членството на ВМРО-ДПМНЕ, со македонската опозиција, Албанците и со меѓународниот фактор.

Прво Груевски ја спука со Албанците уште на почеток во 2006 година. Влада формираше со ДПА на Мендух Тачи, оставајќи ги командантите под јорган-планина на ДУИ во опозиција. Таа одлука не ни беше така лоша, затоа што имаше потреба на јавна сцена да се разобличи вистинското лице на ДУИ, во кое наводно се здружиле најголемите дејци на албанската идеја. Мал број Албанци во тоа време знаеја дека водството на ДУИ се обични џандарски денунцијанти, кои цело време ја цинкареа албанската емиграција кај југословенските служби, и не само кај нив.

Но грешката на Груевски беше во мерката, ја претера. Не покажа чувство каде е црвената линија. Албанците ги поистовети со ДУИ. Сметаше дека ако со удбашки финти го парализира водството на ДУИ, в џеб ги има и Албанците. Со тоа тој направи стратегиската грешка. Токму тие Албанци, кои Груевски сметаше дека ги контролираа преку ДУИ, станаа клучен играч за намалување на политичката моќ на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот. Тоа беше најголемо изненадување за Груевски и затоа не успеа да формира влада по декемвриските избори во 2016 година, затоа што 49 пратеници на СДСМ даваа можност тој да биде заобиколен. На крајот Груевски го плати цехот за креирање на перцепцијата во македонската јавност како голем мразач на Албанците.
Втората огромна грешка на Груевски беше спукувањето со македонската опозиција. Создаде режим со кој веруваше дека преку инженеринг на изборите никогаш нема да ѝ дозволи на опозицијата да победи. Згреши.
Груевски никогаш не сфати дека победувајќи го Црвенковски во 2011 година, со манипулирање на изборните резултати, за што имаше премолчена согласност и од меѓународната заедница, ја исече гранката на која седеше со паролата „Бранко е крив за сѐ“ бидејќи помогна да изникне вистински опозициски дух во Социјалдемократскиот сојуз. Се појави Зоран Заев, кого Груевски очигледно мислеше дека може да го изигра како што ќе посака. Но се излажа.

Не сфати дека Заев не е типичен сдсмовски апаратчик. Неговиот успех лежи токму во дисконтинуитетот на политиките на наследниците на Сојузот на комунистите. Тој прифати да се конфронтира директно со Груевски, а од друга страна се отвори кон гласачите Албанци. Опозицијата, македонска или албанска, долго време бараше храбар лидер, кој е подготвен да му пркоси на Груевски. Ризикот на Заев се исплатеше. Подготвеноста да се конфронтира со него и отворањето кон Албанските гласачи беше вистинска стратегија за освојување на власта од СДСМ.
Груевски можеби некако ќе можеше да ги менаџира лошите политики кон Албанците и македонската опозиција, ако на крај жестоко не се спукаше со меѓународниот фактор. Тука ја прели чашата. Обидот за неговите грешки да бара спас кај Русите, Кинезите или, пак, кај Ердоган беше салто мортале за Груевски. По трет пат се прецени себеси и ги потцени пријателите на Македонија, САД и Европската Унија.
Кога имате лоши проценки донесувате лоши одлуки, а тие, пак, ве водат кон пропаст. Поразот на Груевски беше неизбежен. Сега тој ќе биде докрајчен од сопствените. На локалните избори и тие му удрија чврга.
Вака неславно завршува политичката кариера на еден политичар. Памет за новите дечки.