Имер Мушколај, аналитичар: Косово не смее да се однесува патерналистички во Македонија

Заради политички цели, ДУИ сака да се претставува како главен промотор на односите меѓу Македонија и Косово. Но односите меѓу двете држави не се работа на една политичка партија, вели во интервјуто за „Независен Весник“ познатиот косовски новинар Имер Мушколај, а сега проректор на факултетот „Пјетер Буди“ во Приштина. Мушколај вели дека киднапирањето на шестемина турски државјани како наводни „ѓуленисти“ и нивното тајно испорачување на Турција е направено според сценарио и режија на претседателот Хашим Тачи.

Кој е најголемиот проблем во моментот за Косово – големата невработеност, нестабилната политичка ситуација, неизвесната иднина или немањето јасни перспективи каде треба да оди државата?

Големата невработеност е голем проблем на Косово. Но проблем е и нејасната перспектива на земјата. Граѓаните и натаму не знаат што ќе се случи со нивната иднина, што ќе се случи со иднината на нивната земја. Косово има многу проблеми околу „изградбата“ на државата и тоа станува фрустрирачко. Исто така, косовските Албанци ги фрустрира фактот дека Србија, земјата која предизвика толку жртви и страдања во регионот, напредува на патот кон европските интеграции, додека Косово доби само „европска перспектива“, но ништо поконкретно во овој процес.

Кој има поголемо влијание во моментов во Косово – претседателот Хашим Тачи или премиерот Рамуш Харадинај?

Влијанието на претседателот Хашим Тачи и натаму е големо, и покрај фактот што функцијата на која се наоѓа официјално не дава толкава моќ. Тачи денес, иако не официјално, одлучува речиси за сѐ во Косово, иако земјата е парламентарна република, а претседателот не го избираат директно граѓаните, туку собранието. Последните денови тој се наметнува како човек кој ќе го води продолжувањето на дијалогот со Србија, иако за тоа не доби мандат од собранието.

Неодамнешниот случај со шестемина турски државјани го потресе Косово. Како беше можно тие да бидат киднапирани и префрлени во Турција поради наводна терористичка вмешаност и каква беше улогата на претседателот Тачи во сето тоа?

Изгледа дека сето се одвиваше според сценариото и режијата на Тачи. Начинот на кој турските државјани беа уапсени и одведени во Турција претставува кршење на човековите права. Беше кажано дека се опасни за националната безбедност на земјата, но никој до денес не претстави ниту еден факт дека тоа е точно. Апсењето и испраќањето на шестемина таканаречени „ѓуленисти“ во Турција ќе остане црна точка во областа на владеењето на правото во Косово и за тоа земјата ќе плати одредена цена.

 Какво е денеска влијанието на Турција во Косово – врз политиката, религиозните чувства и економијата?

Турција има големо влијание во Косово во сите три аспекти. Во Косово постои одреден проердогановски дух, иако не е изразен во голема мера. Турската влада продолжува да вложува во Косово, како во реставрација на џамиите и другите културни споменици, или во приватизацијата на одредени компании. Постои видливо пријателство меѓу Ердоган и Тачи. Постојат и проердоганистички партии, иако со мала политичка моќ. Сепак, мораме да имаме предвид дека Отоманската Империја ги окупираше овие простори повеќе од пет века и тоа остави длабока трага во односите меѓу народите и земјите.

Односите со Србија се на ниско ниво по убиството на Оливер Ивановиќ и театралното апсење на српскиот повереник за Косово, Марко Ѓуриќ. Можат ли Белград и Приштина да одат напред во разговорите?

Дијалогот е неопходен. Но, за жал, поранешниот премиер, а сега претседател, Хашим Тачи, од почетокот на дијалогот е прикажан како слаб преговарач, овозможувајќи му на Белград да разговара и за внатрешните работи на Косово и заедно со Приштина, преку Српската листа, да владее со Косово. Српската листа е политички ентитет создаден во договорот помеѓу Тачи и Вучиќ во Брисел. Оваа партија не ја признава независноста на Косово.

Важно е во финалната фаза на дијалогот, која почнува овие денови, Косово да знае која е црвената линија во разговорите со Белград. Приштина нема компромис што може да го направи. Србите во Косово, и според уставот и според планот на Марти Ахтисари, ги имаат сите права, дури и поголеми од кое било малцинство во Европа. Но, Белград сака воспоставување Заедница на општините со српско мнозинство, со извршни овластувања, која практично би била некој вид автономија за Србите. Таква структура би го претворила Косово во нефункционална држава.

Македонија и Косово немаат поголеми проблеми во политичките односи, но некои настани фрлаат сенка врз нив. Како што е исплатата на паричните средства за учесниците во драматичните кумановски настани; или отфрлање на барањето за екстрадиција на две лица кои во Македонија се бараат во случајот „Монструм“. Според што се раководеше Приштина во овие постапки?

Овие постапки не требаше да се случат. Кумановските настани уште не се во целост расчистени и владата на Косово не требаше да направи таков потег – да исплати околу 300 илјади евра. Македонија и Косово се пријатели и би требало да ја зголемат соработката во овие области.

Партијата ДУИ од македонската влада сака да се претставува како главен промотор во односите меѓу Македонија и Косово. Дали тоа ги лимитира вкупните односи меѓу двете земји?

ДУИ тоа го прави од политички цели. Односите меѓу двете држави не се работа на една политичка партија. ДУИ претставува важен дел од албанското гласачко тело, но тоа не му дава за право да го преземе знамето на промовирање на односите меѓу Косово и Македонија.

Каква е перцепцијата во Приштина на партиите на македонските Албанци. Дали таму мислат дека треба да се однесуваат патерналистички или, пак, не им е грижа за нив?

Во Приштина постои чувство за грижа за Албанците, но не на начин кој има патерналистички пристап. Македонските Албанци ги избираат своите претставници, а Приштина само мора да се сложи со кој било избор. Се разбира, не би требало да не постои интерес на Приштина за Албанците во Македонија, но сѐ мора да се развива во рамките на постоечките правила и почитување на Македонија како држава и како важен партнер.

Љупчо Поповски