Камбовски со лекција за Иванов: претседателот треба да потпишува закони, а не да ги толкува
Уставна должност на претседателот на државата е да ги потпише законите и договорите што ги усвојува и ратификува Собранието, а не да изнесува лични ставови и толкувања. Со ваква препорака се јави денеска од Охрид академик Владо Камбовски, долгогодишен професор на Правниот факултет во Скопје, каде што предаваше и актуелниот претседател Ѓорге Иванов пред да стапи на функцијата.
Камбовски смета дека не треба да се попречуваат интегративните процеси на земјата кои се отворени со договорот за добрососедство со Бугарија и договорот за решавање на спорот за името со Грција.
– Штом ќе прифатиш да бидеш претседател и ќе дадеш заклетва дека ќе го почитуваш Уставот, тогаш нормално е дека треба да се однесуваш согласно таквата определба. Ако е тој обврзан со Уставот, не се работи за слободна волја дали ќе го потпише или не законот, дали ќе има ваков или онаков став. Тоа е друга работа. Негова уставна должност, оттука и законска обврска е да го потпише законот, рече академик Камбовски.
Тој смета дека и најавеното референдумско изјаснување на граѓаните би можело да успее, односно има оптимистички став дека постои волја за таков исход кај политичките субјекти.
– Противењето на еден таков чекор треба да понуди некоја друга реална алтернатива која ќе даде некакви изгледи дека Македонија може да излезе од длабоката општествена криза. Јас очекувам дека на крајот ќе преовлада свеста кај најрелевантните политички партии дека е тоа добар и исправен правец, истакна Камбовски.
Тој најави дека Центарот за стратегиски истражување при МАНУ во септември ќе организира научна конференција на која ќе бидат дообјаснети решенијата од договорот за решавање на спорот за името.