Каде ќе биде новото Пржино?

По конгресот во Валандово за избор на нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ, се најавува оживување на политичкиот дијалог во земјава – во насока на реализација на реформите што треба да ги подготви новата влада и на забрзување на евроатлантскиот процес.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, овој пат со освежено раководство, како што се најавува, би седнале повторно на заедничка маса, но со сменети позиции и, според прогнозите, повторно со одредена асистенција на меѓународниот фактор. Не се исклучува ниту некакво посредништво од страна на претседателот Ѓорге Иванов, со оглед на тоа дека новата владејачка гарнитура веќе не манифестира толкав отпор кон него.
Во политичките преговори, секако, би се вклучила и ДУИ, додека застапеноста на албанскиот фактор од редовите на опозицијата засега е дискутабилна, со оглед на промените во распоредот на сили во овој табор што се случија за време на последните два изборни циклуси.
Локацијата каде што би се концентрирале политичките преговори е засега во доменот на претпоставките. Поточно, според информациите, не е исклучено процесот да почне надвор од земјава, а потоа да се врати на домашен терен. Во тој контекст се спомнува иницијативата „Жан Моне“, која беше пласирана пред извесно време. Тогаш намерата на бриселската администрација беше дијалогот меѓу македонските политички фактори да се воспостави во Париз. Меѓутоа, таа иницијатива е сега статус кво, по првичната негативна реакција на опозициското раководство кое е сега во заминување.
Затоа, пак, според одредени информации, задачата за ново медијаторство ја презема Берлин, откако оваа земја веќе се инволвираше на политичката сцена кај нас назначувајќи специјален претставник за олеснување на дијалогот во Македонија. Нема засега официјална потврда на информациите дека тројца пратеници на ВМРО-ДПМНЕ биле повикани неодамна на разговори во Берлин, ама дека ангажманот запрел по отворањето на случајот за настаните во парламентот на 27 април, со кој се опфатени и шест члена на опозициската пратеничка група. Приведувањата за собраниските настани, всушност, ја преселија времено ВМРО-ДПМНЕ од парламент на „улица“, ама и ја забрзаа оставката на партискиот лидер Никола Груевски. Тој реши да го напушти партискиот врв непосредно по средбите што ги имаше со премиерот Зоран Заев, а на покана на претседателот Иванов.
Евроамбасадорот Самоил Жбогар, во интервју за Телевизија 24, изјави дека помина времето кога на власта и на опозицијата им требаше посредник за да седнат на маса за битни прашања. Очекуваме, рече Жбогар, конструктивна опозиција по партискиот конгрес.
„Сега не е време за предвремени избори, Владата треба да испорача реформи“, изјави Жбогар посочувајќи дека, сепак, евентуалната одлука за вонредни избори зависи од домашните политички фактори.
Неодамнешните оставки на речиси целиот состав на Државната изборна комисија се првата тема што се наметна како итна и неопходна за активирање на дијалогот меѓу политичките партии во земјава. Со оглед на тоа што последниот концепт за составот на ДИК произлезе од процесот во Пржино, а за изборот на нови членови на Комисијата е потребно двотретинско мнозинство, јасно е дека парламентарните партии ќе мора да дојдат до консензус за затворање на ова прашање.
Премиерот Зоран Заев најави неодамна дека не верува оти опозицијата, која е отсутна од парламентот, би се вклучила моментно во разговори околу изборот на новиот состав на ДИК. Сепак, тој очекува ова прашање да се реши преку разговори меѓу партиите.
„Отворена е дебатата, и верувам дека секогаш постои можност низ дијалог да се најде решение. Јас сум непоправлив оптимист, верувам дека низ разговор се наоѓа решение за сè“, рече Заев.
Пополнувањето на ДИК, сепак, може да биде само повод за отпочнување на политички дијалог за што пред политичките лидери претстојат многу покомплексни прашања од кадровските решенија. Реформите што треба да се направат во насока на интегрирањето на земјата во евроатлантските структури, вклучително со интензивирањето на процесот за надминување на спорот со името, потоа трансформациите во правосудството и во безбедносните служби… се горливи прашања за чие решавање е неопходна вклученост на опозицијата. Иако ВМРО-ДПМНЕ најави првично дека е подготвена да се вклучи во спроведувањето на планот 3-6-9, поддршката беше доведена во прашање по приведувањето на партиските функционери и поддржувачи за настаните на 27 април, кога и почна тивкиот опозициски бојкот на парламентот. Сега, враќањето на опозицијата во институциите и на преговарачка маса зависи од курсот што ќе го постави идниот лидер.
ВМРО-ДПМНЕ се огласи викендов во врска со проблемот со Грција повикувајќи се на изјава на спикерот Талат Џафери дека името може да се реши и во Собранието ако има политичка волја за тоа.
Од ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстават на намерите „мнозинството пратеници сами да изгласаат каква било промена на името без претходно за тоа да се изјаснат граѓаните на референдум и притоа мнозинството од нив да бидат согласни за понуденото решение“. Според опозициската партија, проблемот што Грција го има со нашето име не е и не може да биде ексклузивна сопственост само на одредени политичари, па ниту на владејачкото мнозинство во Собранието.
Наспроти тоа, поранешниот вицепремиер и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Пешевски, викендов се обрати со отворено писмо до идниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ повикувајќи го, меѓудругото, да му подаде рака на СДСМ.
„За голем број прашања што се од национален интерес ќе треба во иднина да градиш консензус со СДСМ. Секоја чест за поддршката и дипломатските успеси кои СДСМ во овој момент ги жнее на меѓународен план, но сепак животот и живеењето на нашите граѓани е тука, внатре и тука е најважно што се случува“, наведува Пешевски во отвореното писмо.
Влијанието на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот сега е ослабено во споредба со периодот кога се конституираше овој собраниски состав. Поразот на локалните избори, одземањето на имунитетот на шестемина пратеници, како и кокетирањето на дел од пратениците од помалите коалициски партии со владејачкиот СДСМ ги разнишаа позициите на најголемата опозициска партија во парламентот. Но, и покрај тоа, парламентарното мнозинство е сѐ уште „тесно“ и не ѝ овозможува на владејачката гарнитура поголем маневарски простор при носењето на реформските закони. Александра М. Митевска