Изгласана одлуката за пренамена на 1,6 милијарди денари помеѓу буџетските корисници

Со 51 глас „за“, 25 „воздржани“ и ниту еден „против“ Собранието на Република Македонија денеска ја усвои одлуката за прераспределба на 1,6 милијарди денари меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите. Министерот за финансии Драган Тевдовски предб пратениците образложи дека се крати од ставки кои нема да се реализираат, а тие средства ќе се користат за отплата на наталожени обврски. Одлуката е одраз на определбата за ефикасно управување со јавните финансии и плаќање на долговите на државата. Се предлага, информира Тевдовски, исплаќање на неколку поголеми заостанати долгови: за големата концертна сала за Македонската филхармонија, за опрема во МВР, за градежни објекти во СОЗР, пред се објектот на Факултетот за драмски уметности, за Албанскиот театар во Скопје и театар и библиотеката во Тетово, за преведување и печатење на стручна литература, преводи на книги од реномирани автори и за бесплатни учебници. Со оваа отплата на дел од наследените долгови ќе се обезбедат заштеди во следните 10 години како резултат на избегнување на плаќање на камати и евентуални судски трошоци за ненавремено подмирени обврски, укажа Тевдовски.