Дури 26 средношколци од Скопје заминале надвор од државата од почетокот на учебната година

Иселувањето на млади не запира. Бројот на иселените брзо расте додека се чекаат приоритетните политики за младите како енергијата на општеството. Најновите податоци покажуваат дека од почетокот на учебната 2018/2019 година од средните училишта под надлежност на Град Скопје се отпишале 348 ученици, од кои дури 26 се иселиле во странство. Статистиката на Град Скопје покажува и дека лани, односно во учебната 2017/2018 година, од средно училиште се отпишале 575 средношколци, а од нив 20 заминале надвор од Македонија. Причината за иселувањето поранешниот министер за образование и наука Ненад Новковски ја гледа во високата корупција, која е вградена во општеството. Не може, вели, чесен човек да успее во државава, таквите се маргинализирани.

„Главниот проблем во врска со иселувањата е високата корупција и тешко е власта да направи што и да е бидејќи таа е вградена во системот на нејзиното функционирање. Власта функционира коруптивно и сите вработувања се коруптивни, така што треба да се направи целосен ред преку поставување систем на вредности. Не може чесен човек да успее, маргинализирани се, затоа бегаат надвор“, оцени Новковски.

Неодамна извршната директорка на Младинскиот образовен форум, Дона Костуранова, за „Независен“ подвлече дека иселувањето на младите од Македонија нема само од себе да запре, туку само ќе се зголемува. Владата додаде Костуранова треба итно да направи пакет приоритетни политики за млади, во кои ќе се вложат средства, институции и соработки со младинскиот сектор. На младите им треба квалитетно образование, работни места, културни можности и основен квалитет на живот и, едноставно, перспектива за живот.

„Добар пример за една таква политика е ‘младинската гаранција’ со која секој млад невработен човек мора да добие вработување, пракса или обуки за неколку месеци. Оваа политика досега можеа да ја користат само младите во три општини, а треба да стане достапна за што е можно повеќе. Но има и политики што се најавени, а уште не се спроведени: нема ни збор за најавените политики за студентската работа или студентската картичка со попусти. Сè додека доаѓаме до податоци што покажуваат дека младите се двојно повеќе невработени од останатата популација и губат во просек четири години во неефективно образование без да научат, 44 отсто од студентите не можат да отидат во кино, еден месец студирање ги чини 21.500 денари, а тие немаат работа – ќе имаме и податоци што покажуваат дека 60 отсто сакаат да се иселат“, рече Костуранова.

Министерството за образование и наука работи на промена на сите нивоа на квалитетот на образование, уверува заменик-министерот Петар Атанасов. Посочува дека иселувањето на семејствата може да го сопре само забрзан економски развој, нови работни места и создавање шанси за младите да успеат овде да учат, живеат и да работат.

„Најмногу во овој момент работиме на дуалното и средното стручно образование. Ова ќе ги доближи младите до нови работни места. Имаме нов Закон за високо образование, со што ќе почнеме да создаваме услови за обезбедување поголем квалитет. Но најголеми промени се потребни во основното образование. Иселувањето на семејствата може да го сопре само забрзан економски развој, нови работни места и создавање шанси за младите да успеат овде, да учат, живеат и да работат. Ова е голема обврска и образованието може да помогне. Но најмногу треба да се работи со општините и локалниот економски развој. Образованието ќе прави промени во насока на модернизација на наставата и форсирање на употребливо знаење. Владата воопшто како приоритет ги има младите. Мора да го намалиме иселувањето како процес од кој страда целиот регион“, вели Атанасов за „Независен“.

Ова се само последни од низата отпишани и иселени ученици од Македонија. За три месеци од почетокот на оваа учебна од основните и од средните училишта во Општина Кочани се отпишале 20 ученици, за кои родителите навеле дека се селат во странство. Според анализите на Одделението за јавни дејности на Општина Кочани, секоја учебна година стартува со околу триесетина ученици помалку во сите одделенија во општинските образовни институции. За една година, пак, од штипските основни и средни училишта заминале во странство со своите родители вкупно 77 ученици. Истражувањето на Центарот за истражување и креирање политики покажа дека 76,7 отсто од младите кои живеат во државава размислуваат да се иселат, а клучна причина е лошиот квалитет на живот кој, покрај материјалните аспекти, ја опфаќа целокупната политичка и економска несигурност во државата, неквалитетот на јавните услуги во образованието, здравството, социјалната заштита, лошите можности за личен и кариерен развој, невклученоста во процесите на носење одлуки што ги засегаат младите.

Вероника Мароска-Леова

Борис Грданоски-фоторепортер