Димитров: Национален консензус за името, прашањето треба да оди на референдум

Потребно е да се изгради национален консензус за името, а многу од тие елементи на национален консензус во моментов не се јасни, порача денеска шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

– Интензивно се работи на градење на консензусот, во кој треба да бидат вклучени, граѓаните, политичките фактори, инстутициите, сите. Процесот е отворен и трае. Важно е тој процес да заврши, бидејќи на тој начин позицијата на Македонија ќе биде посилна, наведе Димитров.

Тој ова го истакна на денешниот брифинг за европските и евроатлантските интеграции на Македонија, со професорот д-р Флоријан Бибер, директор на Центарот за студии за Југоисточна Европа во Универзитетот во Грац и член на советодавната група – Балкан во Европа (BiEPAG).

Ова прашање, според Димитров, има таква природа, поради што не може да се реши без граѓаните.

Коментираќи ја изјавата на претседателиот на Собранието Талат Џафери дека Парламентот има легитимитет да одлучи во насока на решавање, наместо прашањето да оди на референдум, рече дека референдумот е изборно ветување на сите големи партии.

– Прашањето има таква природа што ако не може да се реши одржливо, ако не се прашаат граѓаните, ако нема консензус, ако има внатрепартиски битки, ќе дојде до слабеење на нашата позиција, рече Димитров.

Изјавата на грчкиот министер за одбрана Панос Камонс, чија партија Независни Грци е помал коалициски партнер во грчката Влада, дека нема да прифати зборот „Македонија“ да биде содржан во името на северниот сосед, ја оцени како изјава од некој друг век.

– Сметам дека таквите изјави не водат кон решение, факт е дека наша грижа треба да биде што ние од наша страна можеме да направиме. Наша одговорност е ние да постигнеме национален консензус. Кој, какви ставови има во владината коалција во Грција е нивна одговорност. Ова е 2017 година, ние сме во Европа и таквиот став не е соодветен и не оддалечува од намдинување на проблемот, вели Димитров.

Тој не сакаше да говори за конкретни предлози, за тоа дали за државниот врв е прифатливо име со географска одредница, со која ќе се заштити идентитетот или пак споменуваното „Нова Македонија“, напоменувајќи дека доколку во оваа фаза зборува за евентуални предлози може само да им наштети на напорите во таа насока.

– Кога трае процесот на преговорите ако се зборува јавно и прецизно за елементите од прашањето, каде тоа ќе се употребува, од неговиот опфат, зависи и подотвеноста за прифаќање на компромисот, рече Димитров.

Тој очекува Македонија да биде вклучена во Стратегијата за проширување на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер.

Последната студија, изработена од BiEPAG е насловена како „Да се зграпчи македонскиот момент“.

Бибер нагласи дека следната година нуди можности за суштинска транформација на регионот, кој во однос на европската перспектива стагнирал над десет години.

– Во нашиот последен брифинг велиме дека ова е моментот не само за Македонија, туку и за регионот, да се обнови проширувањето, да се препознае моментот. Сега постои шанса овој процес повеќе да не биде приказна без крај, туку приказна со јасна цел и рок, рече Бибер.

Нагласи дека процесот во студијата се гледа низ три столба, продолжување на домашните реформите, зголемување на регионалната соработка и поддршката на ЕУ.

Напомена дека ЕУ нема механизми, со кои би притиснала една земја-членка да не влијае врз влезот на некоја кандидатка, во случајот со Македонија за спорот со Грција.

– ЕУ има ограничени способности да изврши притисок врз земја-членка. Унијата може многу да понуди ако прашањето е решено, но има малку средства да изврши притосок тоа да се реши, тоа е структурен недостиг. Тоа не е само случајот со Грција, туку и со други земји-членки кои имаат меѓусебни спорови, некои имаат проблеми со владеењето на правото, слободата на медумите, а ЕУ нема механизми да ги притисне, вели Бибер.