Две нови „бомби“ одекнаа во судница: Мијалков бара од Тачи да му заврши итна работа
Во кривичниот суд во Скопје продолжи судското рочиште за изборни нерагуларности во случајот на специјалното јавно обвинителство „Титаник 2″. Во судницата беа пуштени две бомби. Во едниот разговор ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков му се јавува на пратеникот Мендух Тачи и му вели да гласаат за приговорот на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во Струмица, пренесува Макфакс.
Предметот „Титаник 2“ е во фаза на доказна постапка и се изведуваат предложените докази од обвинителството. Во предметот се обвинети Мендух Тачи, Сашо Мијалков и поранешните членови на Државната изборна комисија, Сашо Срцев, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска и Влатко Сајковски. Сите обвинети во „Титаник 2“, освен Мијалков, се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, а ексдиректорот на УБК ќе одговара за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание.
Како што пренесува „Фокус“ во разговорот Мијалков му вели на Тачи да е итна ситуација и дека им треба поддршка на ВМРО-ДПМНЕ за приговорот за Струмица, за да има прегласување.
-Ало, хитна ургенција. Можете ли да гласате за нас за да се усвои приговорот за Струмица, му вели Мијалков.
Тачи, како од пушка, одговара: Може, одма!
Потоа следува втор разговор меѓу Тачи и Бедредин Ибраими, во кој Тачи му вели: „Сега ја имате Струмица, ќе гласате за да се поништи, зошто сме договорени за Чаир“.
Бидејќи втората бомба беше објавена на албански јазик, судски преведувач прочита превод на македонски јазик, по што реагираше Тачи дека преводот не бил добар.
По бомбите, во судница се слуша снимка од оддржана седница на ДИК, на која се усвојува приговорот поднесен од ВМРО-ДПМНЕ, по што следуваше прегласување во Струмица.