Власта го купува „уставниот глас“ на Авировиќ и Рамчиловиќ

Иако долго време се шпекулираше, вчера како бомба од ведро небо стигна веста дека владејачкото мнозинство, по делумната амнестија за настаните за 27 април, во „новогодишното пакетче за помирување“ спакувала и промена на Кривичниот законик, поточно измени на членот 353 што се однесува на „злоупотреба на службена положба“, со што се отвора можност десетици обвинети во случаите на СЈО да се спасат од одговорност или да добијат намалување на казните.

Јавноста морници ја полазија, а на адреса на Владата стигна остра осуда. Драма се случуваше и во Собранието. Предлог-законот поднесен од пратеници на СДСМ и ДУИ на крајот беше повлечен по состанокот на народните избраници од таборот на социјалдемократите.

Сепак, на дневен ред на вчерашната седница остана измената на Кривичниот законик во членот 275-в, кој се однесува за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавни набавки или јавно-приватно партнерство. Измените се во ставот 3 во кој се намалува затворската казна од 5 на 4 години. Тој гласи: „Ако сторителот со извршување на делото од ставот 1 на овој член остварил за себе или за друг имотна корист од поголеми размери, ќе се казни со затвор од најмалку 5 години“. Сега се менува на „4 години“.

Од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека нема да учествуваат на собраниската дебата за Кривичниот законик бидејќи тоа за партијата ќе значи уривање на правната држава и тргување со правото.

Според собраниски извори, измените во Кривичниот закон се носат во контекст на претстојното гласање за предлог-амандманите на Уставот, откако премиерот Зоран Заев објави дека недостигаат уште четири гласа за двотретинско мнозинство. Конкретните измени се сфаќаат како обезбедување на гласот на пратеничката Владанка Авировиќ чиј син Василије Авировиќ заедно со Сеад Кочан беа обвинети во случајот „Труст“ за фалсификување документи со кои добиле тендер вреден 17,2 милиони евра од ЕЛЕМ. На тој начин, според проценките, се придобива и гласот на пратеникот Зеќир Рамчиловиќ кој е исклучително близок со Сеад Кочан. Тој е потпретседател на Здружението за културно обединување на Бошњаците од Македонија „Аваз“, кое во старт тврдеше дека притворот за осудениот бизнисмен Сеад Кочан во предметот „Труст“ на СЈО е притисок врз медиумите и удар за Бошњаците.

Во јули годинава бизнисменот Сеад Кочан беше осуден на шест години затвор за случајот, а Авировиќ на три години. Тие се осудени за злоупотреба на постапка за јавна набавка. И двајцата добија забрана за вршење дејност и да бидат управители или одговорни лица на правно лице во траење од 3 години. Тие поднесоа жалби на пресудата до Апелацискиот суд, кој сè уште се нема изјаснето по жалбите на осудените. Проценките се дека со предложените законски измени, ќе се отвори шанса Апелацискиот суд да им ги ублажи казните, а Авировиќ да добие можност и за условна казна. Дел од адвокатите нагласуваат дека додека да заврши постапката, односно до изрекување на правосилната пресуда, ќе важи поблагиот закон за обвинетите во случаите.

„Со евентуалното намалување на казните се создава несразмерност во оценувањето на делата во споредба со други кривични дела. На крајот излегува дека криминалот и злоупотребата на средствата на граѓаните се исплатат“, вели професорката Мирјана Најчевска. Според неа, самото менување на Кривичниот законик не е противуставно.

„Ретроактивното менување е дозволено доколку тоа претставува поповолно решение за инволвираните. Но, шокантно е што со политички решенија се прави упад во правната регулатива заради политички цели. Тоа е најстрашното што може да ни се случи. Цела една декада потрошивме во битката за враќање на правото и правната држава, а на крајот добиваме немилосрден и директен удар во нејзината срцевина“, вели Најчевска.

Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, ги демантираше информациите дека ќе се направат измени во членот 353 од Кривичниот законик, иако на собраниската веб-страница можеше јасно да се види дека предлог-законот за менување е влезен во собраниска процедура. Од тоа најголем ќар требаше да имаат Елизабета Канческа-Милевска за случајот „Тендери“, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Тони Јакимовски, Сашо Мијалков, Горан Грујевски, Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски во „Трезор“, Владимир Пешевски и Миле Јанакиески во „Траекторија“.

„Владата не предлага никакви измени на член 353 од Кривичниот законик и не се очекува каква било промена на тој член во рамки на процесот во Собранието“, напиша Бошњаковски на својот твитер-профил.

Реагираа и од СЈО од каде што нагласија дека не ги интересираат и не се вклучени во меѓупартиските преговори за измена за членот 353 од Кривичниот законик.

„Од она што ние го знаеме интенцијата е поблаго одмерување на казните, а не измени со кои ќе се влијае на постапките на СЈО или застарување на предметите на СЈО што се однесуваат на злоупотреба на службената должност“, велат од СЈО.

Според адвокатот и поранешен јавен обвинител Александар Наков, не се потребни никакви промени во тој член. Тој посочува дека кривичното дело „злоупотреба на службената положба“ датира од почетоците на плурализмот во земјава и главно, се однесува на носители на јавни и државни функции.

„Творец е професорот Владо Камбовски, кој извонредно го дефинирал членот 353. Во него не треба да се прават никакви интервенции. Тој претставува еден вид кош – ги опфаќа сите казнени одредби од другите закони во анкетната норма. Тој што ја злоупотребил службената дејност треба да се наведе од кој член се огрешил. Да речеме кршење на закон од судија е класична злоупотреба на службена дејност. Јасна е интенцијата на евентуалната таква промена, да се намалат казните на дел од обвинетите во предметите на СЈО или некој да биде целосно ослободен. Заднината, секако, не е подобрување на правната сфера – се игра во нечија корист. Со ваков упад во законот се создава ршум во правниот систем, дефинитивно се намалува принципот на одговорност на носителите на јавни функции за оштетување на буџетот“, нагласува Наков.

Наум Котевски