(ВИДЕО) Македонската делегација се подготвува за прослава


На почетокот на НАТО Самитот во Брисел македонската делегација го оцени овој ден како историски за нашата држава.

– Овој ден го очекувавме сите. И мојата генерација и генерациите пред мене. Овде затвораме едно поглавје од државниот развој на Република Македонија и почнуваме ново – рече Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.

Националниот координатор за подготовка на Македонија за влез во НАТО, Стево Пендаровски,рече дека во денешниот ден добиваме покана за почнување на пристапните преговори.

– Ќе има две сесии, грубо кажано. За политички и технички прашања како и со секоја друга земја аспирант во минатото. Она што е специфично за Македонија и што е наша домашна задача е да го имплементираме до крај Договорот со Грција – рече Пендаровски.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека денеска сите ја искористија можноста да и честитаат на Македонија за огромниот пробив и целиот аудиториум нè награди со аплауз зашто се свесни дека ова е историски ден за Македонија, но важен е и за НАТО.

– Се покажа дека шансата за членство функционира, дека отворената врата е навистина отворена и дека ако знаете што саката и треба да направите, може да успеете – рече Шекеринска.