Младите заробени од социјалните мрежи

Дури 100 отсто од младите во земјава се информираат преку интернет, речиси никогаш преку радиото и печатените медиуми, покажува истражувањето на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Младиот јутјубер Марко Марковиќ чии фокус е да ги кометира видео игрите и има 95 илјади следбеници, вели дека пет години нема телевизор во својата соба. Главен извор за информирање и забава му се социјалните мрежи, коишто се атрактивни помеѓу младите од 5 до 20 години. Како главен фактор за отуѓување на младите и од традиционалните медиуми посочи дека е брзината на информациите, до коишто побрзо стигаат преку интернетот. Забележува дека на телевизиите недостигаат емисии за млади, ако има се емитуваат рано наутро кога тие спијат.

„Наутро некој ќе стане и во пижами ги има најновите информации на својот телефон, што се случиле во странство или во земјава. Преку Youtube може во секое време да се  гледаат забавени содржини. Турските серии најмногу ја уништија телевизијата, ако се гледа од профитната страна, сите гледаа да имаат најмногу публика, а не гледаа која публика е таа. Сега кога ги изгубија младите се зборува за тоа зошто младите не гледаат телевизијата, рече Марковиќ на панел дискусија „Младите и медиумите”, во организација на Коалиција на младински организации СЕГА.

Сашо Богдановски од Агенцијата за аудио и визуелни медиумски услуги вели дека за младите радиото и печатени медиуми  стануваат нерелевантни за нивно информирање,го користат интернетот. За другите возрасни групи пак, телевизијата е главниот  изворот од каде се информираат.

„Младите најчесто ги користат социјалните мрежи, како фејсбук, инстаграм, а информациите ги црпат и од порталите  кои што во земјава ги има  800. Само јавниот радиодифузен сервис има законска обврска за ваквиот вид на програми. Забележавме нови емисии  на Телевизија 24 Вести, Радио МОФ има емисии кои специјално ги таргетираат младите,  програма  за нив е организирана и на локалното радио  коешто го дизајнира Коалицијата на младински организации „Сега“, ама тоа не е доволно. Имаме и уште еден сегмент којшто е недоволно развиен а тоа се непрофитните  три универзитетски радиа, УКИМ, УКОЛО  и радиото на  Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Веќе не можеме да ги гледаме медиумите како што во минатото беа поставени и прашањата кои се однесуваат на нивното користење. Голем дел од испитаниците 100 отсто поседуваат телевизор, меѓутоа дали го користат во традиционална смисла  на гледање на телевизија којашто некој уреднички тим им ја обликувал или на друг начин тоа е прашање на кое уште немаме одговор“, рече Богдановски.

Универзитетската професорка Викторија Кафеџиска посочи дека треба да биде разбиен митот помеѓу старите и новите медиуми. Потенцираше дека секој медиум влијае во голема мера  врз младите, особено врз формирањето на јавното мислење.

„ Оттука е неопходно да се слушне што младите сакаат да видат, прочитаат и да слушнат. Глобализацијата има позитивни  и негативни страни, особено ако  глобализацијата во медиумите не отвори или им овозможи  на младите пристап  до вести и информации од целиот свет, за што заостануваат традиционалните медиуми. Во некои минати времиња имаше репектабилни младински и образовни емисии. Зошто телевизиите бегаат од вакви теми? Дали се неисплатливи? Дали во трката за профит се напуштија ваквите емисии?“ рече Кафеџиска.

Учесниците на трибината  рекоа дека тоа што веста за свадбата на посинокот на српката пејачка Лепа Брена собрала илјадници прегледи за разлика од вестите коишто се важни за граѓаните е само еден доказ дека и класичните медиуми, треба да станат побрзи и подобри во информирањето. Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги  објаснија и дека од истражувањето на мислењето на публиката, дури 47 отсто сметаат дека во ТВ програмите многу ретко учествуваат младите од 15 до 29 години и многу ретко се претставуваат како активни или заинтересирани граѓани.

Вероника Мароска-Леова