Фирмата на Мукоски нема што не прави за државата


Стадиони, игралишта, училишта, прифатилишта за кучиња, домови на култура, центри за вработување… Семејната фирма на пратеникот Крсто Мукоски нема каде не е влезена во бизнис со државата. Основана во 1994 година со непаричен долг од околу пет илјади евра, две и пол децении подоцна, „Атриум“ може да се пофали со милионска заработка само од тендери под државна капа. И притоа, според надлежните, сè е законски, иако Финансиската полиција има отворено истрага, која со години тапка во место. Веројатно никогаш нема да дознаеме дали на вевчанската фирма ќе ѝ одеше толку добро доколку Крсто Мукоски во последен момент не се премислеше и не дигна рака за уставните измени, по што доби амнестија за отворањето на собраниски врати на 27 април 2017 година.

Училишта, стадиони, прифатилишта, домови…

Документите до кои дојде „Независен весник“ покажуваат дека, на пример, лани во ноември Министерството за образование склучило договор со „Атриум“ вреден 3,8 милиони денари за реконструкција на ОУ „Димка Ангелов Габерот“ во Прждево кај Демир Капија. Во јули минатата година бил склучен договор вреден околу половина милион денари за проширување на училишниот објект во Сопиште. На 26 септември Центарот за развој на Југоисточниот плански регион му доделува задача на „Атриум“ да изгради прифатилиште за бездомни кучиња во Струмица и во Гевгелија, за што се обезбедени над 7,1 милиони денари. И скопскиот градоначалник Петре Шилегов е потписник на еден договор со Бобан Мукоски (брат на Крсто), кој се води како основач на фирмата. На 25 јуни бил склучен договор за реализација на енергетски ефикасна фасада на СУГС „Боро Петрушевски“, вреден околу 2,2 милиони денари. Кон крајот на ноември, државата договорила реконструкција на училиштето „Никола Карев“ во Пробиштип, а за цифра од 90.000 евра повторна е одбрана „Атриум“. За електрика и воведување топлотно греење во ОУ „Јосип Броз Тито“ во струшка Радожда, договорен е бизнис вреден 2,8 милиони денари.

 

 

На Мукоски добро им одела соработката и со АД за Изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, со кои е склучен договор вреден 64 милиони денари за изградба на објект на улицата „Ѓорѓи Василев“ број 44 во Струмица. Со Општина Илинден е договорена изградба на Дом на културата во Марино (1,5 милиони денари), со Општина Охрид за оградување на фудбалското игралиште во Лескоец (2,1 милиони денари), а со Агенцијата за вработување за реновирање на Центарот за вработување во Дебар (2,6 милиони денари).

Вртат милиони, немаат интернет-страница

Според податоците од Централниот регистар, нејзина приоритетна дејност е изградба на станбени и нестанбени згради. Иако работи со милионски суми, „Атриум“ нема своја интернет-страница. Официјалниот назив на фирмата е Друштво за производство, трговија, угостителство и градежништво. На тендерите каде што конкурира Мукоски наведуваат дека станува збор за мало претпријатие што значи опсегот на вработени е неколку десетици, но не повеќе од 49. Градежниците велат дека вообичаена пракса е откако компанијата ќе го добие тендерот, да ја заврши работата со подизведувачи. Како се договараат околу исплатите, останува меѓу нив. Градежништвото се смета за гранка со изразена сива економија.

Само со последните шест тендери во втората половина од 2018 година, „Атриум“ успеа да дојде до повеќе од еден милион денари од државниот буџет. Тука не се вкалкулирани милионските суми добиени на тендери во изминатите две години. По трансферот на Крсто Мукоски од опозиција во клучен човек што ќе ја внесе Македонија во НАТО, генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, веќе не е толку напаѓачки настроен кон пратеникот и бизнисот на вевчанецот. Работите беа многу поинакви во пресрет на фудбалскиот Суперкуп во фудбал меѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, кој во август 2018 година се одигра на арената „Филип Втори“ во Скопје. Само неколку месеци пред одржувањето на спектаклот што беше пренесуван низ целиот свет, стадионот не беше целосно подготвен, па мораше да се најде фирма што ќе ги варосува помошните простории на фудбалскиот објект. Зделката ја доби „Атриум“, а Рашковски обвини дека била договорена превисока цена од десет евра по квадрат. Бобан Мукоски негираше тврдејќи оти вистинската цена, всушност, била 180 денари за квадратен метар во што било вклучено чистење, подготовка, бојадисување и крпење на одредени оштетувања. Бизнисменот рече дека договорот бил склучен со рамковна спогодба и најави тужба за клевета.

До тоа не дојде, а Владата побара истрага за сите тендери што „Атриум“ ги доби од претходното раководство на Државното станбено претпријатие. На „Илинденска“ се сомневаа дека постоеле индиции оти се користени дампинг-цени за услуги за кои реално немало потреба, а за другите услуги – цени кои повеќекратно се разликуваат од пазарните“. Контрааргументот беше дека за оваа фирма немало негативна референца на електронскиот систем за јавни набавки.

Истражните дејствија на Финансиската полиција добиваат очекуван епилог, а државните институции денеска велат дека сите постапки каде што победува „Атриум“ се доследно почитувани и запазена е законската регулатива. Фирмата од „Вевчани“ секогаш ги давала најприфатливите понуди, па затоа и ги добивала бизнисите.

Горан Адамовски