Саљији: Бројни неправилности во скопскиот Кривичен суд


Во Основниот суд Скопје 1 постојат 860 предмети во кои нема доделен судија што ја доведува во прашање точноста на статистичките податоци во месечните и годишните извештаи за работата на судот и на судиите што се доставени до повисоките судови, Судскиот совет и Министерството за правда. Ова е констатирано во извештајот на Работната група формирана од Министерството за правда за увид во примената на одредбите од Законот за судовите и Судскиот деловник во Основниот суд Скопје 1, Апелациониот суд Скопје и Врховниот суд.
Предмет на увид, во сите три суда биле процедурите за функционирање на АКМИС, годишниот распоред на судии, процедурата за исклучување на судија од автоматска распределба и прераспределба на предмети, сите одлуки за рачна распределба на предмети.

– Увидната работна група констатираше недоследност во примената на Законот за управување со движењето на предметите во судот и Судскиот деловник како и недоследност во користењето на АКМИС –от во Основниот суд Скопје 1 и во Врховниот Суд. Во Апелацискиот суд во Скопје е констатирано дека Законот за управување со движењето на предметите во судот и Судскиот деловник се применуваат, АКМИС-от е имплементиран и редовно се користи освен во делот за судска управа, посочи министерот за правда Билен Саљији.

Најмногу неправилности, информира, имало во Основниот суд Скопје 1, каде што годишен план за управување со движењето на предметите е донесен само во 2013 година, не е формирано работно тело за управување со движење на предметите во судовите, не се донесени внатрешни процедури за одделни процеси при управување со движењето на предмети во судот, годишниот распоред за работа на судот за 2016 и 2017 година е менуван често и не е испочитувана процедурата за негово донесување,…. Најмалку има во Апелацискиот суд Скопје каде е констатирано дека основниот предмет се заведува во АКМИС, но сите дополненија на предметот не се заведуваат туку се зема бројот на основниот предмет и предметот се чува во регистар. Кај Врховниот суд меѓу другите забелешки стои и дека АКМИС-от се применувал според претходно применета рачна прераспределба на предмети за што постои писмена одлука од Претседателот на судот но таа не е во согласност со одредбите на Судскиот деловник. На овој начин наместо случаен избор на судија се добива очекуван избор на судија.

– Целта на извршениот увид е по укажувањето за лоцирани недоследности да се корегираат од страна на надлежните судови со цел да се воспостави исклучителна професионалност во работењето на судовите и враќање на дигнитетот и кредибилитетот на судските институции, изјави Саљији и додаде дека извештајот од извршениот увид ќе биде доставен до надлежните институции за да постапат согласно нивните надлежности.