Интер му нуди на Икарди да стане најплатен во Серија А
Управата на италијанскиот прволигаш Интер се обидува да го наговори Аргентинецот Мауро Икарди, да потпише нов договор со кој би станал најплатениот фудбалер во Серија А.
Тимот од Милано му нуди на аргентинскиот напаѓач поголема плата за два милиони евра, односно би заработувал шест и пол милиони и тоа без бонуси, кои би можеле да го зголемат износот на осум милиони евра.
Со новиот договор би се зголемила и клаузулата за отштета од сегашните 90 на 150 милиони евра.
Имено, раководството на Интер стравува дека Икарди ова лето би можел да ја активира клаузулата и да се пресели во некој од големите клубови кои го бараат, меѓу кои се споменуваат и Реал Мадрид и Манчестер јунајтед.
Неговата сопруга, која воедно му е и менаџер, Ванда Нара, бара од Интер плата од „сигурни“ седум милиони плус милион евра бонус. Доколку биде потпишан ваков договор Икарди ќе стане најплатениот играч во италијанското првенство и ќе ја надмине сумата од по седум милиони евра што ја добиваат неговите сонародници Гонсало Игуаин и Пауло Дибала од Јувентус.
Икарди оваа сезона на 24 натпревари постигна 18 голови.