За газдите од Белизе треба политичка волја, не само закон
Управата за финансиско разузнавање лани од 27 држави побарала податоци за 52 сомнителни случаи од аспект на перење пари и финансирање тероризам. Најмногу барања, шест, доставила до Кипар, а пет до САД. На листата земји од каде што Управата за финансиско разузнавање побарала информации за да ги потврди или отфрли сомневањата за извршено перење пари, со по едно барање, се земјите кои имаат третман на даночни раеви – Девствени Острови и Маршалските Острови.
Перењето пари во Македонија многу често се поврзува со економските кривични дела, како што се злоупотребата на службената положба и овластување и даночното затајување, иако трговијата со дрога и илегалната миграција се големи генератори на приноси. Директорот на Управата, Блажо Трендафилов, неодамна изјави дека во Македонија, по сите основи, годишно се перат меѓу 300 и 400 милиони евра валкани пари. А Европската комисија во Извештајот за Македонија за 2018 констатираше дека земјата треба повеќе да направи за ефективна борба против одредени форми на криминал како перењето пари и финансискиот криминал.
Владата на ова одговори со нов предлог-закон за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, што минатата недела доби владина виза. Тој ги вклучува европските директиви и препораките на ФАТФ, меѓувладиното тело кое поставува стандарди и промовира ефикасно спроведување на законски, регулаторни и оперативни мерки во борбата против перење пари, финансирање на тероризам и други закани за интегритетот на меѓународниот финансиски систем.
Ама, ова е првиот чекор за покажување политичка волја за справување со финансискиот криминал. Зашто, како што укажа даночниот експерт Павле Гацов, со добра регулатива не е ниту тешко ниту скапо да се следи текот на парите во доба на дигитализација, само треба да се сака. Одомаќеното однесување – добар закон, а лоша пракса, особено не смее да се покаже во двата клучни сегменти, водењето регистар на вистински сопственици на компаниите и зајакнатата контрола на носителите на јавни функции.
Во регистарот на вистински сопственици, кој ќе се води во Централниот регистар, треба за секоја фирма да се знае физичкото лице мнозински сопственик на фирмата, или како што Владата објасни, да не може правно лице да биде вистински сопственик на друго правно лице. Ова треба да ја спречи повеќегодишната пракса во Македонија фирми лоцирани во Белизе и други офшор-држави, каде што се криеше сопственоста, да бидат газди на фирми регистрирани во Македонија. И за да не може зад нив да се кријат поранешни и актуелни политичари, законот предвидува носителите на јавни функции, од врвот на власта до градоначалниците и советниците, до две години по завршувањето на функцијата, но и членовите на нивните семејства, брачни другари, родители и деца, да бидат повнимателно контролирани. А не како што беше направено со измените на законот од 2014 година, кога беа изземени од контрола.