Зошто Путин треба да се плаши од Белорусија


ВЛАДИСЛАВ ИНОЗЕМЦЕВ

Владимир Путин од доаѓањето на власт ги пресликуваше авторитарните чекори на Александар Лукашенко. Цврстата рака во Белорусија беше модел за цврстата рака во Русија. Но на изборите на 9 август победата на Лукашенко не е воопшто сигурна, во анкетите тој е трет. Корона кризата промени сѐ во Белорусија

 

Претседателот Александар Лукашенко владее со Белорусија со железна тупаница од 1994 година. Но, неговата власт во земјата значително ослабе во последните неколку месеци и тој може да биде исфрлен по претседателските избори закажани за 9 август. Ваквиот исход не само што ќе ја потресе Белорусија; тој, исто така, ќе му даде на рускиот претседател Владимир Путин сериозна причина за загриженост.

На почетокот на 2020 година, Лукашенко се чинеше дека не може да биде предизвикан. Повеќето Белоруси веруваа дека нивниот лидер ќе го освои шестиот мандат на истиот корумпиран начин на кој ги обезбеди претходните победи. Па дури и противниците на Лукашенко одеднаш замолчеа кога тој го бранеше белорускиот суверенитет пред плановите на Путин да ги „интегрира“ двете постсоветски држави.

Но, Ковид-19 смени сè. Додека Лукашенко ја прогласи пандемијата за „глупост“ и лажеше редовно за нејзиниот обем и жртви, обичните луѓе погодени од кризата почнаа да се вртат против него. Тие особено се спротивставија на притисокот од властите да присуствуваат на комеморациите за крајот на Втората светска војна на 9 мај без маски за лице или заштитни нараквици и да потпишат петиција во корист на реизборот на Лукашенко.

На почетокот на мај, властите го уапсија популарниот блогер Сергеј Тихановски, кој ја објави својата намера да се кандидира за претседател. Но, неговата сопруга Светлана Тихановска, сега се обидува да застане на неговото место и доби ентузијастичка поддршка. Во јуни, редиците за потпишување на нејзината петиција за кандидатура во Минск, Брест и Гомел се протегаа на 800 метри, и покрај тоа што полицијата ги повикуваше луѓето да се распрснат.

Анкетите за мислењата спроведени меѓу 20 и 22 мај (пред надлежните да ги забранат) укажуваат на тоа дека само од 3 до 6,24 отсто од гласачите го поддржуваат Лукашенко, Тихановска 12,7 до 18 проценти, а поранешниот извршен директор на Белгазпромпбанк, Виктор Бабарико (сега затворен од белорускиот КГБ) како јасен предводник, поддржан од 50 до 54,9 отсто од испитаниците. На 30 јуни, Централната изборна комисија во Минск официјално им дозволи на Бабарико и Тихановска да се кандидираат откако ги разгледаа потписите на нивните приврзаници, но „победата“ на Лукашенко над нив на 9 август речиси сигурно ќе предизвика уште една источна европска „револуција во боја“.

Но, евентуалната демисија на Лукашенко по четврт век владеење со речиси диктаторска моќ не е единствената причина зошто се важни претседателските избори во август. Другата е долгогодишна тенденција политичките случувања во Белорусија да ги предвидат настаните кај нејзиниот гигантски сосед.

Руските лидери ги следат стапките на Лукашенко од средината на 1990-тите години. Реизборната кампања на претседателот Борис Елцин во 1996 година, вклучувајќи го неговиот повик до Русите да „гласаат со твоето срце“, беше копирана директно од кампањата на Лукашенко во 1994 година. И кога Путин го наследи Елцин во 1999 година, тој (како Лукашенко три години порано) прогласи враќање на „стабилноста“.

Исто како што Лукашенко го оживеа белоруското знаме и грб од времето на Советскиот Сојуз, Путин ја врати советската национална химна во Русија. Путин, исто така, го следеше водството на Лукашенко во искоренување на независни политички партии и принудување на противниците да заминат во егзил или нивно убивање (а понекогаш и двете). И во двете земји, парламентот и судовите беа трансформирани во оддели на претседателската администрација, додека руските закони за „странски агенти“ и „несакани странски организации“ го имитираа белоруското законодавство.

Конечно, националниот референдум на Путин на 1 јули, кој формално му овозможи да остане претседател и после 2024 година (со ресетирање на часовникот на уставната граница од два последователни мандати), е пресликување на Лукашенко во 2004 година.

Поразот на Лукашенко следниот месец би претставувал огромен симболичен удар кон руската верзија на неговиот политички модел и би можел да ја обликува иднината на Русија многу повеќе од обидите на Украина за отфрлање на диктатурата. Со оглед на тоа што руските водачи долго време ја сметаа Украина како земја што гледа кон Западот, а не по патот на Русија, тие ја сметаат Белорусија како најсигурен пријател и сојузник на Русија.

Русите длабоко ги почитуваат Белорусите за страдањата што ги претрпеа за време на Втората светска војна, а граѓаните на двете земји уживаа во еднаков економски статус од формирањето на Унијата на Русија и Белорусија во 1999 година. Значи, додека повеќето Руси очекуваа дека Украина на крајот ќе се определи за либерална демократија и отфрлање на автократијата во советски стил, слична промена во Белорусија може да ги уништи темелите на режимот на Путин.

Денес Лукашенко се чини дека се изедначува со Белорусија на ист начин како Путин со Русија. Или, како што рече, сегашниот претседател на руската Дума, Вјачеслав Володин, во 2014 година: „Денес нема Русија ако нема Путин“.

Како Лукашенко, Путин сега се обидува да се овековечи на власт, лишувајќи ги гласачите од каков било збор во донесувањето одлуки и да профитира на советското наследство наместо да ја модернизира земјата. Неуспехот на Лукашенко да обезбеди повторен избор ќе остави длабок впечаток кај руските гласачи.

Зголемените тензии меѓу Путин и Лукашенко ја прават ситуацијата уште поинтригантна. Од 2000 година, Русија ја субвенционираше Белорусија во висина од повеќе од 100 милијарди американски долари, за возврат добивајќи ништо друго освен поддршка на политичките изјави. Лукашенко често го критикува Путин и ги предводи руските скептични сили во рамките на Евроазиската унија, аспиративна геополитичка конструкција на Путин.

Покрај тоа, Кремљ веќе не може да има ниту можност ниту волја да интервенира во корист на Лукашенко. Фактот дека Белорусија нема етнички поделби од оној вид што ги олесни руските упади во Украина, ја ослабнува и позицијата на Путин.

Големото прашање сега е дали Белорусија ќе го следи истиот демократски пат што го избра Украина во 2014 година (но без насилство). Ако падне Лукашенко, тогаш и за режимот на Путин, исто така, може да почне да се појавуваат предизвици.          (Проект синдикејт)

(Владимир Иноземцев е основач и директор на московскиот Центар на постиндустриски студии)