Државата не може да стои настрана за цените на храната
Погрешен е пристапот да се регулираат цените на основните производи за исхрана преку интервенциите кај трговците, со ограничување на маржите. Владата треба да се сврти кон производителите
Мојата определба за слободен пазар и конкуренција не може да се доведе во прашање. Пазарот и конкуренцијатанајдобро ги регулирааат односите помеѓу понудата и побарувачката, а со тоа и цените на прозводите.
Но никогаш, ама баш никогаш, не може државата да стои настрана кога се во прашање земјоделските производи и нивните преработки кои директно го условуваат стандардот на живеење. Ако некаде треба да се подржува и потенцира улогата и влијанието на државата тоа е земјоделието, како исклучително значајна и чувствителна стопанска гранка. Тоа не го исклучува влијанието на пазарот, бидејќи интервенцијата на државата е да не дојде до драстично нарушување на понудата и побарувачката на земјоделски производи и нивни преработки, особено на оние од едногодишно, сезонско, производство. Особено во ситуации на кризи, како што е сегашната предизвикана од војната на Блискиот Исток. Тука нема и не треба да има двојбеност дека секоја држава, грижејќи се за своите граѓани, треба да придонесе да не „дивеат“ производителите, а најмалку трговците.
Но погрешен е пристапот да се регулираат цените на основните производи за исхрана преку интервенциите кај трговците, со ограничување на маржите. Илузорно е да се смета дека кој било трговец ќе се откаже од маржата, односно од својата заработувачка во корист на граѓаните. Не може да се очекува робинсонкрусовско однесување на трговците. Праксата покажа дека тоа не вродува со плод и цените на храната не се решаваат во маркетите.
Кој само го измисли тоа „фер политики“. Во трговијата нема фер политика. Колку и да ни изгледа тоа сурово и егоистичко. Во трговијата има натпревар, кој потсетува и на „крвава“ војна за профит.
Мачкање очи и празна политика е „споредбата на цените на основните производи пред и во екот на кризата предизвикана од војната на Блискиот Исток“. Сета врева се создава заради ишкање на мувата од капата и префрлување на вината врз други чинители со цел Владата, иако најодговорна, ако е можно да помине со најмали лузни. Одговорноста е на владата бидејќи или воопшто не презема мерки или доцни, со што мерките немаат ефект кај крајниот корисник, т.е. граѓанинот.
Трговците за разликата на цената ќе си платат соодветен данок на заработката и никој не може да каже дека прекршиле некој закон, колку и да се докажува некакво картелско поврзување.
Затоа во овој случај, кога се во прашање основните производи за исхрана, не само во време на криза, Владата треба да се сврти кон производителите. Како нивните производни цени да бидат помали. Како производството на храна да поевтини. Како домашните производители да се заштитат од силната конкуренција од увозот на храна од државите кои водат аграрна политика во континуитет, која се состои во поттикнување и заштита на нивните земјоделци. Особено сега кога најголем дел на држави навремено реагираа да си го заштитат земјоделското производство со директни, протекционистички, мерки. Не може да се очекуваат пониски цени на храната од домашно производство во маркетите ако се зголемуваат трошоците, а со тоа и производствената цена кај македонските земјоделски производители.
Модели на заштита има многу, но треба волја и работа, а не регионални средби по општините, на кои најмалку има земјоделци.
Долгорочно гледано, општопознато е дека земјоделското производство треба да се подржи преку регулирање одредени односи на пазарот на земјоделски производи. Дали тоа ќе биде преку директно поттикнување на земјоделците, гарантирани цени, субвенционирање на извоз на производи, квоти на увоз за заштита од конкуренцијата која доаѓа од надвор при субвенционирање на земјодеците во државите кои тоа го прават. Постојат многу модели, но сите тие мора да бидат дел од долгорочна аграрна стратегија која во моментов недостасува.
Краткорочно, во вакви ситуации, како што е актуелната војна, државата не треба само да биде набљудувач и посредно да ги регулира односите во производството и снабдувањето, односно прометот на земјоделските производи и нивните преработки. Не треба да е исклучено дури и директното учество во синџирот на снабдување со поевтина исхрана, пред сѐ од домашно производство. Можеби треба да се размислува за откуп и продажба на земјоделски производи со учество на државата за одреден период на длабока криза со неизвесен крај, се со цел да се заштитат и производителите и граѓаните како крајни корисници.
Не е само нафтата таа која ќе ги диктира цените на храната. Многу други влезни фактори ќе влијат на тоа. Пред сѐ, тука е цената на вештачките ѓубрива, хемиските средства за заштита, транспортот. Не треба да се занемари и растот на трошоците на преработувачката индустрија, која треба да врши откуп и преработка на замјоделското производство, а кои ќе бидат последица на кризата. Тоа е еден комплекс на поврзани активности кои Владата не ги презеде, со исклучок на мала интервенција кај нафтата, а кои ќе имаат значајно влијание на цените на земјоделските производи и нивните преработки, кои директно ќе влијаат на стандардот на населението, особено кај оние со помали примања.
Во Владата најверојатно поединци и калкулираат со одолговлекување на преземање на мерки во даночната сфера и пресметуваат до кога ќе биде ова сценарио, дали војната ќе заврши или ќе потрае подолго, со цел да се фалат со зголемени даночни приходи во буџетот. Бидејќи секој ден на одложување на намалување на одделни даночни стапки ги зголемува приходите од акцизи и ДДВ. Но тоа е краткорочно гледање со исклучително големи последици врз стандардот на населението.
Ваквиот пристап што го образложувам ќе предизвика критики кај застапниците на слободен пазар. Но и интервенцијата на државата во овој момент треба да се гледа како потег за поголемо производство и усогласување на понудата и побарувачката на производите за исхрана. Можеби тоа ќе има последици во ориентацијата и однесувањето на земјоделските производители да се потпираат исклучиво на државната помош, но во услови кога светот реагира егоистички нема друг начин на краткорочно дејствување и директно вклучување на државата во производсвото на храна.
(Слободан Најдовски е економски аналитичар)