Заврши вмровскиот аџилак во Будимпешта
За првенците на ВМРО-ДПМНЕ Будимпешта долги години беше политички Ерусалим. Тие како уште да не веруваат дека со Унгарија веќе нема да владее нивниот политички пророк - Виктор Орбан. Христијан Мицкоски веќе ја чувствува жештината откако Петер Маѓар го отвори прашањето за Никола Груевски
Познатиот унгарски новинар и главен уредник на неделникот „Маѓар наранч“, Ендре Бојтар, во неодамнешното интервју за „Независен“ рече дека новата унгарска влада, без разлика дали ќе ја предводи Виктор Орбан или Петер Маѓар, ефикасно ќе одлучи кој ќе биде македонски премиер. „Ако победи Орбан, Груевски веројатно ќе остане во Будимпешта. Но, ако победи Маѓар, тој би можел да биде екстрадиран во Македонија – а тоа би било проблем за Мицкоски“. И даде еден, да кажеме, совет до македонскиот премиер: „Да сум на местото на Мицкоски јас веднаш би му пристапил на Маѓар и би побарал да го држи Груевски во Будимпешта до дополнително известување“.
Два дена по триумфалната победа на Маѓар и неговата партија Тиса (или изборниот масакр на Орбан и Фидес), ослободувањето на Унгарците од 16-годишното владеење на сегашниот премиер, резултатите од Унгарија може да се претворат во политичка драма во Македонија. И тоа во ситуација во која владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја има апсолутната власт на сите можни нивоа – не само во политичките структури, туку и во независните регулаторни тела. И покрај куртоазните честитки на шефот на дипломатијата, а ден потоа и на премиерот, јасно е дека македонските власти се многу разочарани од исходот на изборите во Унгарија. Не само поради тоа што во Будимпешта нема да владее нивниот побратим Виктор Орбан, туку многу веројатно тоа ќе има сериозно влијание врз сите тајни и јавни врски на ВМРО-ДПМНЕ и Фидес.
Орбан не беше само клучен пријател на Груевски, а потоа и на Мицкоски (кого во будимпештанската врска го внесе Александар Николоски), туку често, но не и секогаш, сојузник во комплицираните односи внатре во Европската унија. Бидејќи првенствен интерес на Орбан беше да ги штити и застапува во Европа интересите на Александар Вучиќ и Србија.
Орбан сакаше да изгради политичко влијание во регионот и беше подготвен да плати за тоа. Каматните стапки на кредитите што ги зеде унгарската држава во последниве година-две беа околу 6 проценти (поради лошата кондиција на тамошната економија), а во исто време Орбан ѝ даде на Македонија кредити од една милијарда долари со камата од 3,25 проценти. Разликата во цената е нешто што Орбан беше подготвен да го плати за да го финансира политичкото влијание врз владата на Христијан Мицкоски. Што ќе направи новата влада на Маѓар – ако условите на договорот бидат објавени – сè уште не знаеме. Но ако се земе како некаков знак споменувањето на Никола Груевски на прес-конференцијата на Маѓар во понеделникот без да биде прашан за неговата судбина (кого го нарече „осуден криминалец“) изгледа дека завршија златните денови на вмровскиот аџилак во Будимпешта.
Пред две недели Мицкоски со бројна владина свита отиде во Будимпешта (по посетата на групата крајно десничарски политичари од Европа – Марин ле Пен, Герт Вилдерс, Сантијаго Абаскал, Матео Салвини, Алис Вајдел…), а пред доаѓањето на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, за да им каже на провладините слушатели дека „Виктор Орбан е бранител на Европа“.
Во предавањето во Колегиумот „Матиус Корвинус“ тој ја посочи Унгарија како „глас на тивкото мнозинство на Европа“, на оние луѓе кои не се гласни, туку сакаат стабилност, безбедност и достоинство. Дека Виктор Орбан е голем пријател на Македонија, а Унгарија, под негово водство, е пример за стабилност, визија и лидерство.
На крајот од говорот, македонскиот премиер рече дека на изборите луѓето не одлучуваат само за влада, туку избираат насока: дали Унгарија ќе ја задржи својата сила, стабилност и гордост или ќе се повлече во неизвесност и им рече на присутните: „Бидете силни! Бидете горди! Останете свои!“
Унгарците не фрлија ни пет пари на овие оди од Мицкоски искажани за Орбан, како ни на оние на Венс, Ле Пен и другите. Тие избраа преку гласачките кутии да се изборат за друга насока на Унгарија, за демократските вредности, кои подолги години веќе не ги претставува Виктор Орбан и избраа да живеат во една поинаква држава, а не онаа која им ја сликаа Мицкоски и останатите.
По овие панегирици за Орбан македонскиот премиер вчера се обиде да направи мост кон новиот унгарски лидер велејќи дека со Тиса имале добри односи во рамките на Европската народна партија, иако нема никаква информација дали воопшто се сретнале претставници на двете партии. А вицепремиерот Александар Николоски само три дена пред изборите велеше дека „колку што му е нему познато, унгарската влада и во наредните четири години ќе ја предводи Виктор Орбан“.
Сигурно е дека односите меѓу двете земји сега ќе влезат во нова, постудена фаза и големо прашање е дали Петер Маѓар ќе мисли повеќе дали да го развива влијанието во регионот јужно од Будимпешта (на трансверзалата Белград-Скопје) или ќе се бори да ги одмрзне десетиците милијарди евра заглавени во ЕУ поради големото назадување во демократијата, владеењето на правото и слободата на медиумите.
За оваа папочна врска меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Фидес покажаа и податоците за летовите на владиниот авион од јуни 2024 до декември 2025 година: во тој период воздухопловот седум пати носел функционери во Будимпешта. Сите тие одеа на своевиден аџилак покрај Дунав да се сретнат или со самиот политички пророк или со неговите претставници. Сега на тоа веројатно ќе му дојде крајот, ако Мицкоски не побара итна средба од Маѓар да го задржи Груевски во Будимпешта (како што го советува Ендре Бојтар).
Не треба да се биде многу политички прониклив и да се заклучи дека за ВМРО-ДПМНЕ поразот на Орбан е политички земјотрес. Каде би можеле да се појават проблемите?
Прво, тоа би била кредитната линија влада со влада, за која никој не е сигурен дали би продолжила да постои. Кредитот од една милјирада евра беше криен од унгарската јавност, за на крај да ги пробие медиумските обрачи и да се дознае дека е даден со камата од 3,25 отсто. Новите структури во тамошното министерство за финансии можеби ќе почнат да ги бараат тајните модалитети за тоа како се доделени парите. Дали со унгарски паричен спотер (преку Кина, или можеби Русија, или можеби на тој начин се испрани парите изнесени од Македонија за време на преходната вмровска влада). И зошто Унгарија се задолжувала со поголеми каматни стапки а им давала на македонските побратими пари со помали камати.
Христијан Мицкоски и Александар Николоски одеа на аџилак во Будимпешта како да е нивен политички Ерусалим. Николоски дури одеше и во романска Трансилванија да учествува во политичките работилници на Фидес меѓу тамошните Унгарци и во Баиле Тушнад ги слушаше говорите на Орбан во кои ги образложуваше основите на нелибералната демократија. Тоа е како да се напиеш вода директно од најчистиот извор. Сигурно дека овој политички извор сега нема да секне, но тоа може да биде само во просториите на Фидес, а не во седиштето на владата во Кармелитскиот манастир во Будимпешта.
Другиот проблем е што би случило доколку Груевски биде испорачан на скопскиот аеродром? Мицкоски вели дека тој нема да биде пречекан како Љубе Бошкоски од Хаг, туку директно од аеродром ќе биде однесен во затвор да ја издржува казната.
И да отиде и да не отиде во затвор (ако воопшто биде испорачан) Груевски целосно ќе ја промени ситуацијата во ВМРО-ДПМНЕ. Кај многу членови на партијата тој е непрежален вистински лидер. Груевски сите овие години од ноември 2018 година, кога пребегна во Будимпешта, не се откажа да влијае на политиката во Македонија, особено во ВМРО-ДПМНЕ. Од затвор или на слобода, доколку тој биде во Македонија, тоа нема да биде пријатно за Мицкоски. Тој сега ја има апсолутната контрола во партијата, а и во државата, но работите веќе почнаа да се менуваат и тој веќе ја чувствува жештината. Многу од неговите најблиски соработници можеби уште ги носат сликите од Груевски во внатрешните џебови на палтата. И амбициите експоненцијално ќе им пораснат.
Што би можел да прави Мицкоски? Да ги ангажира сите сили на некој начин да се поништат затворските казни на Груевски на некакви повторени судења, бидејќи главната пресуда од 9 години затвор за „Плацеви на Водно“ му застарува дури во 2043 година. Ако поранешниот премиер на некој начин од слобода ги чека тие повторени судења (затоа што му се судело во отсуство) може да стане главна закана за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Ако Груевски биде однесен во затвор тоа исто така ќе биде губитничка позиција за Мицкоски меѓу партиското членство (иако јавноста ќе ја поздрави таа ситуација).
На овој или на оној начин тоа ќе биде многу комплицирано за Мицкоски, особено што е јасно дека Груевски не се откажал од идејата и натаму да учествува во моделирањето на политиката во Македонија (како што и сега го прави тоа од Будимпешта преку неговите партиски испостави во ВМРО-ДПМНЕ). Изгледа дека неговите амбиции не пресушиле. Дури можеби станале и поголеми, напоени и со гневот за вендета.
За новите унгарски власти политичкиот азил на двајцата поранешни полски министри кои го добија тоа во јануари, е далеку поважна од онаа на Груевски. Поранешниот министер за правда во националистичката владата на Право и правда, Збигњев Зиобро, и неговиот заменик Марчин Романовски, се обвинети во Полска за милионски криминали од еден фонд. За премиерот Доналд Туск нивното испорачување во Варшава ќе биде голем политички адут, затоа што преку нив ќе ѝ се суди на претходната националистичката влада заглавена во корупција. Нивното испорачување е исто така важно за Маѓар. Тој сака да гради цврста оска со Туск и најави дека неговата прва посета во странство откако ќе биде избран за премиер ќе биде во Варшава.
Збигњев Зиобро не се крие од новинарите. Тој сè уште е во Будимпешта. На прашањето на новинар на Полсат њуз дали е подготвен да ги спакува куферите, тој вчера одговори дека е „подготвен да се бори за вистината“.
Кога го прашаа за неговите идни планови, тој рече дека „времето ќе покаже“. „Ќе го информирам Доналд Туск за моите планови додека ги спроведувам“. Не ја исклучувам можноста дека денес сум тука, а утре би можел да бидам некаде на друго место“, рече тој. „Каде и да сум, сè е во рацете на промислата“, додаде тој.
Не знаеме дали Никола Груевски е во „рацете на промислата“. И дали е сѐуште во Будимпешта. Или можеби е уште таму и ги пакува куферите за некоја нова дестинација за да не биде испорачан. И така вечно да остане бегалец. И на одреден начин да му ја олесни ситуацијата на Христијан Мицкоски.