Зошто го сакаме Балашевиќ?


ЕРОЛ РИЗАОВ

Ѓорѓе ни пее на сите автобиографија, за нашиот живот што веќе го нема, ете затоа го сакаме

 

Омаж за Ѓорѓе Балашевиќ (1953-2021)

Зошто го сакаме Ѓорѓе Балашевиќ? Не оти е некој добар пејач, среде збор зема воздух. Имаме дузина подобри од него. Не оти ми е генерација и непоправлив југоносталигичар. За Југа има поголеми плачковци од него. Не оти е некој убавец, или заводник, или пак убаво се облекува. Катастрофа, би рекле помодарите и трендсетерите. Ние што го сакаме таков каков што е велиме друго да облече не му личи. Не би бил тој. Вицевите и шегите што ги раскажува не се бог знае што, ама ако вие ги прераскажувате. Кога тој ги говори пред публика со еден тон шарм многу се добри и оргинални. Не оти бил некој џентлемен и широка рака, велат бил голем циција.

Па зошто тогаш го сакам Балашевиќ? Затоа што неговите балади ги разбирам. Тие се вистинити и ми ја допираат душата кај најтенките струни, ми прават голем ќеф, затоа што Ѓорѓе ни пее на сите автобиграфија, за нашиот живот што веќе го нема, што го одживеавме ние од неговата генерација и нешто постари од него. Па зошто го сакаат и младите, децата родени во новото време на демократијата и независноста. Затоа што тој наш живот тие не го видоа, затоа што тоа им е бајка која ја слушнале од нас, од своите родители, кога некогаш добро се живеело и затоа што им е преку глава од слободата што им ја ветија и ги излажаа. Затоа што пораснаа тие, „некои нови клинци, некои нови клинци“ на кои Ѓорѓе им ја испеа песната пред да се родат.

Го сакам Балашевиќ затоа што ме потсетува на среќа, на младост, на првата љубов, на другарството, на војска, работни акции, студентски демонстрации од кои им замрзнуваше крвта на политичарите, ме потсетува на отпор, на пркос, на гордост, на чесност, на вистинска слобода, „не ломите ми багрење,“ ќе нѐ однесе ветерот, „власт е власт, ама ред е рееееед“, ме потсетува на Панонско и Јадранско море, на Триглав и најубавото зеленило во светот, оризовите полиња во Кочани, ме потсетува на мирисот на дуњите врз креденецот во гостинската соба во нашата куќа и насмевката на мајка ми, на мојата прва учителка, ме потсетува „како се некад добро јело и пило“, на моите другари со кои одев автoстоп низ Југославија да откријам колку е голема и да ја запознам Катрин, ме потсeтува на Хвар, на Вaрдар кога му дадовме пет гола на Партизан, на раскошот на дрвената клупа и ѕвезденото небо над Биоково. Ме потсетува на „т’га за југ“ и „прошек“. Ме потсeтува на најдобрите кошаркари, фудбалери, ватерполисти, спортисти… во светот. На моите идоли. Сето тоа беше наше и мое. Наша, и моја лична сопственост.

И сега Балашевиќ подостарен, двајцата сме дедовци во исто време, пак ме потсетува дека сето тоа го изгубивме како на комар, како во една партија покер, не како со оној негов симпатичен гамен „Божо звани пуб који вара мало боље“, туку во руски рулет со девет куршуми во буренцето кои ни ги подметнаа големите измамници. Џабе биле коњи врани, на ливада разиграни, џабе било сѐ. Југославија умре среде балканската биртија поради невозвратена љубов. Да, умре Југа, ама сепак не сме лузери, како што пее Балашевиќ за себе и за нас.

Го сакам Ѓорѓе Балашевиќ затоа што ја прифати новата реалност, а не ги заборави убавите работи од минатото. Затоа што неговата балада не нѐ враќа само во минатото туку и нѐ предупредува за иднината. Неговите песни и стихови ни кажуваат дека не е сѐ изгубено, дека има уште многу да се губи ако не ја научивме тажната приказна за исчезнувањето на една држава. Го сакам Балашевиќ оти пее дека е славјанска душа и оти со тоа се гордее, како и стотици милиони Словени. Југославија не беше мала како што мислевме, а дознавме колкава е кога ја снема. И нашите нови татковини не се мали, но уште не е завршена опасноста од нивно исчезнување, па да дознаеме колку се големи. Балашевиќ одамна со сета во гласот испеа „патувај Европо, не сметај на нас“.

Балашевиќ го сакам оти во неговите балади има покрај сѐ што набројав и еден убав хумор, иронија и малку здрав цинизам. Големиот рокер Бора Чорба, на пример, удира и по себе „кaко је лепо бити глуп“, стих злоупотребуван многу често за навреда на други, а не на своја сметка, како што сакал да каже авторот и како што е одлика на силни личности. Останува вонременска и виртуозната сатира на Влатко Стефановски „све је као какао“, за да премине на лирско-социјална драма и наш сон со „Ах, да имам бел коњ“. Панонскиот морнар, Балашевиќ нашиот Лала, добродушен, небаре со извинување го исмева кичот и турбофолкот: „Ах Мирка, Мирка, ко ти сада свирка“.

Во петокот вечер во Скопје дојде пак панонскиот морнар. Нѐ потсети на некои убави работи од нашиот заеднички живот, на радосни времиња и тешки премрежија, ни измами по некоја солза, од некои како мене од жал за младост, а од други како тага за изгубената иднина и невиденото и недопрено минато. Ни измами и многу насмевки и надежи.

Ах, да ќе заборавев, на крај Балашевиќ три пати ни порача чувајте се од „бараби“. Не кажа како. Ќе го прашам кога ќе дојде следниот пат. Ако бидеме тука и ако не заминеме за Хондурас.

(Објавено во „Утрински весник“ на 22.04.2013)