Живот или фустан „по мерка“


ЛЕЈЛА САБИТ

Поканата не е само за двајца, туку глобална, избирате квалитетен живот или живот во страв, атрактивен, но неудобен фустан, или обичен, комфорен фустан кој ве прави среќнa.

Избирате меѓу здравје или сеир, ги мерите килограмите или среќата, цел живот на смути или боемски живот со куп пријатели околу себе.

Карантин или слободно движење, работа или принуден одмор.

Парите станаа мислена именка, немаш и не трошиш, имаш, а немаш на што да трошиш.

Искусивме ненормален живот, секој ден се прашуваме кога ќе се вратиме во нормала, никој не прашува дали луѓето, познати или непознати, се нормални или ненормални. Животот го делиме на пред и по корона, никој не зборува за старото и минатото, се дискутира за ново време, нови мерки, нови правила, нови моменти, ништо физичко, се онлајн, ништо да не допираш, само да почувствуваш.

Емоции, надеж, среќа, ветар, подем, полет… се лозинките кои ќе ти ги скројат животот и дружењето таман, ни премалку, ни премногу, ни прерано, ни предоцна.

Ништо одблиску, се од дистанца, Западот веќе знае, Балканот допрва ќе учи.

Шминката во заден план, маската во преден план, накитот и маникирот во заден план, ракавиците во преден план.

Нозете болат од високи потпетици кои во „новиот момент“ не ви даваат моќ, туку само болка и по некој фластер.

Новите живот или фустан по мерка (ќе) ги брише границите меѓу анонимните и славните, богатите и сиромашните, кога сте можеле беплатно да шетате по светските музеи, да слушате бесплатен концерт од вашите идоли, да влезете на топ-ревија без покана или да разговарате за мода со недопирливата Ана Винтур?

Ништо не е нормално, а сакаме да се вратиме во нормала, на стариот живот, на дебели и анорексични, на чесни и криминалци, на патување со еден пасош, на отворени граници…

Како и да е , ништо не ни е по мерка, за некого „новите мерки“ се ригорозни, за некого лабави, на некој му се малку два часа, а некој не знае што да прави со себе цел ден.

Само да се јадело и коментирало!