Жерновски тврди дека власта подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог
Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, на прес конференција денес порача дека Владата подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог и дека тоа е поврзано со изјавата на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски за некаков таен договор за започнување на прегововри со ЕУ.
-Почитувани граѓани, се подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог. Наши информации од Брисел зборуваат дека Владата на Мицкоски тоа веќе го договорила и тоа се јасни сигнали коишто пристигнаа и од Брисел, и од Берлин, и од Париз.Исцрпени се буквално сите обиди и лаги коишто претходно се обидуваа луѓето од Владата да ни ги продадат.
Се сеќавате, сè започна со некакво одложено дејство, па потоа со специјални услови, па потоа дека ќе имаме, нели, за нас некакви посебни договори и така натаму. Па најновото што го слушнавме од Мицкоски е дека ќе сме влегле во Европската Унија, ама без право на глас. Сето тоа падна во вода и веќе нема простор за нови импровизации. Единственото нешто што сега го прави човекот којшто седи позади мене и сите околу него е како оваа лага, којашто им ја продадоа на гласачите, да ја претстават како победа.
Како да покажат дека тоа не е лага. Се обидуваат да направат стратегија како да го прикажат како победа она што до вчера за нив беше лага и велепредавство. И целата таа стратегија за тоа што денеска се случува во овие простории, затоа што како поинаку ќе се објасни дека СДСМ бил во право? Ќе се објасни дека токму врз тие лаги дојдоа на власт.Ова сакам да ви го објаснам со тоа што сите заедно, и како политичари, и како новинари, и како граѓани, се зачудивме за наглиот пресврт во политиката и дипломатијата на Тимчо Муцунски. Сè започна со тоа кога самиот призна дека ние не сме северномакедонци, како што тие тврдеа кога беа во опозиција.Дека ние не зборуваме северномакедонски јазик, како што тие тврдеа кога беа во опозиција, туку, напротив, дека денеска сме Македонци и дека зборуваме македонски јазик.
Тоа не беше доволно.За да се подготви теренот уште подлабоко, дојдоа неговите уверувања дека, замислете, протоколот не е дел од преговарачката рамка. Нешто што беше основа, клуч за напад врз тогашната власт од денешната опозиција, врз СДСМ. Нешто врз што ги добија изборите.Претходно претседателката на државата веќе призна дека јазикот, културата и националниот идентитет се заштитени. Ја цитирам, токму со Преспанскиот договор.
Потоа го имате Тимчо Муцунски. Повторно се изјасни за возвишувањето на НАТО, дека е најдоброто нешто што ни се случило и дека гарантира безбедност за граѓаните. Затоа сакавме да одржиме оваа прес-конференција за да им објасниме на граѓаните што сега се случува и каква стратегија подготвува Владата на Мицкоски.
Претстојат денови кога граѓаните, особено оние коишто ја дадоа поддршката на ВМРО, ќе им стане јасно дека тоа беше партијата којашто врз основа на лаги дојде на власт и којашто сè уште со лаги владее. Доаѓа време кога ќе стане јасно дека СДСМ ја зборуваше вистината, дека СДСМ презеде обврски, гласаше одлуки коишто беа за добробит на граѓаните, тешки, меѓутоа за да добиеме просперитет во иднина и да ги зачуваме младите во нашата држава. Доаѓа период кога ќе сведочиме за една победа на политиките и визионерството на СДСМ, но и пораз на политиките и на лагите на ВМРО, порача Жерновски.