Андреј Жерновски: „Ете, тоа е Мицкоски – човек со патолошка политичка омраза“
Мицкоски и на Илинден избра да дели - го лаже и го третира својот народ како „талог“, рече членот на Извршниот одбор на СДСМ
Не стивнуваат реакциите на опозицијата на говорот на премиерот Христијан Мицкоски на Илинден во Пелинце, во кој тој повторно ги употребуваше омилените термини за политичките противници како „талог“, „мочуриште“…
Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, на денешната прес-конференција обраќањето го нарече говор полн со омраза и навреди од страна на премиерот.
На најголемиот државен празник, на Илинден, Мицкоски ја употреби, односно ја злоупотреби говорницата за повторно да ја продолжи својата политика на поделби, омраза и навреди. Мицкоски од говорницата повторно зборуваше за ‘талог’. Повторно своите сограѓани ги нарече ‘талог’“.
Жерновски рече дека „талогот“ за кој зборува Мицкоски се сите оние што не се согласуваат со него; „тоа се сите оние што знаат колку е Мицкоски неспособен; тоа се сите оние што знаат колку Мицкоски лаже“.
Според него, тоа се сите оние што се борат за правда, за еднаквост, за одговорност и кои се борат за европска перспектива на својата држава.
„Истиот човек кој со години нас, граѓаните, нè нарекува ‘талог на општеството’, ‘мекотели’, ‘мочуриште’, ‘медиокритети’, ‘лешинари’. На денот кога треба да се зборува за слобода, на денот кога треба да се зборува за достоинство, за иднина, Мицкоски повторно избра да ги навредува своите сограѓани и да го дели народот“, рече Жeрновски и однесувањето на премиерот го оквалификува како „патолошка политичка омраза“.
Жерновски на прес-конференцијата зборуваше и за повикот од мај годинава на Мицкоски макдеонските граѓани да летуваат на нашите планини и езера поради промената на влегувањето во шенгенскиот простор, а самиот тој ќе оди на „екскурзија“ со семејството во Белгија.
„Прво, во еден квазипатриотски вознес ги повикуваше граѓаните летните одмори да ги поминат покрај прекрасните македонски езера, реки и планини, за потоа самиот тој да изјави дека нема да оди на одмор во Македонија, туку ќе оди на друго место, ќе оди на екскурзија.
Сè додека македонските граѓани ги нарекува ‘талог’, ние, за жал, немаме премиер, немаме лидер. Ние имаме шеф на една организирана криминална група. Ете, тоа е Христијан Мицкоски“, рече Жерновски.
На оваа прес-конференција одговори ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека „токму Жерновски е талогот на општеството, кој е дел и основач на системот во државата, кој 20 години е на државна сметка и ја цица државата и беседи како тоа државата не му се допаѓа и како тоа системот треба да се промени. Системот беше досега таков, затоа што со децении лица како Жерновски, Заев и Филипче го крадеа и уништуваа. Тој систем веќе две години се менува. Новиот систем е предводен од чесни политичари кои мислат на граѓаните и нивните интереси, а не на својот џеб“.