ВМРО-ДПМНЕ смета дека СДСМ сама се препознала како “талог“ во општеството


ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение со остри критики реагираше на изјавите на СДСМ, обвинувајќи ја опозициската партија дека самата се препознала и се самопрогласила за „талог“.Од владејачката партија оценуваат дека СДСМ во седумгодишното владеење не ги решавала проблемите на граѓаните, туку работела исклучиво во сопствен интерес.

Во соопштението се наведува дека денес, како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, функционери и претставници на СДСМ можат да се видат „на јахти во Грција, на приватни забави во Дубаи или на продолжени викенди низ Европа“, наместо, како што велат, да бидат посветени на проблемите на граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ понатаму ја обвинува СДСМ дека во изминатите години направила, како што наведуваат, низа отстапки на штета на националните интереси и дека и денес е подготвена на нови компромиси. Од партијата оценуваат дека СДСМ дејствува спротивно на националните интереси и е под влијание на надворешни фактори, поради што, според нив, јавноста ја препознава како партија што ги занемарува интересите на сопствените граѓани.

Од СДСМ пак возвратија со оценката дека премиерот Христијан Мицкоски го искористил и најголемиот државен празник Илинден за да ја продолжи поделбата на народот.

-Во својот говор повика на борба против „омразата, цинизмот и талогот што ја трујат Македонија“.Кој е тој „талог“ според Мицкоски?Сите што не мислат како него! Сите што ја разобличуваат неговата политика. Сите што бараат Европа, правда и одговорност.

Истиот човек кој со години ги нарекува граѓаните „талог на општеството“, „мочуриште“, „медиокритети“ и „лешинари“, сега од говорница на Илинден повторно го употребува истиот речник. На денот кога треба да се слави државноста и единството, Мицкоски повторно сее поделба. На денот кога треба да се зборува за иднината, тој повторно напаѓа и навредува.

Во исто време, додека зборува против „талогот“, неговата Влада ги пречекува функционерите на Вучиќ – претставници на политиката од деведесеттите, на војните и на заговарањето на етничко чистење. Луѓе што отворено зборуваат за етничко чистење и што доаѓаат како емисари на „српскиот свет“.Ова не е патриотизам.Ова е политичка омраза облечена во празничен говор. Мицкоски не може да биде премиер на сите граѓани додека го третира народот како „талог“. Додека тој дели и навредува, Македонија стои во место без реформи, без кластери, со изолација и со граѓани што стојат со часови на границите.

Илинден беше борба за слобода. Мицкоски го претвори во борба против сопствениот народ, заклучува СДСМ.