Димитриевски го опомена Гаши: Ако не ги почитуваш празниците, не ја почитуваш ни државата!


Максим Димитриевски

Илинден и АСНОМ не се обични историски датуми, тие се темелите врз кои е изградена македонската држава, симболи на слободата, државноста и на вековната борба на македонскиот народ за сопствена држава. Oдносот кон овие датуми е прашање на државничка одговорност, а не на личен избор, порача претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.

Осврнувајќи се на отсуството на претседателот на Собранието, Африм Гаши, од централното одбележување на Илинден, Димитриевски оцени дека ваквиот чин испраќа погрешна порака кон граѓаните.

„Ако не ги почитувате елементарните датуми на создавање на државата и државноста, тогаш де факто не ја почитувате ни државата. Движењето ЗНАМ смета дека највисоките државни функции не носат само привилегии, туку и обврска да се биде таму каде што државата го одбележува сопственото создавање. На Илинден нема поважна агенда од Македонија“, рече Димитриевски во гостување на Сител.

Тој потсети дека современата македонска држава е создадена врз историските идеали на Илинден и на АСНОМ и тие вредности не смеат да бидат релативизирани или потиснати.

„Оваа држава немаше да постои доколку не беа Македонците и основните заложби на нашите предци. Токму тие ја создадоа македонската држава“, рече Димитриевски.

Тој испрати и порака и воврска со европските интеграции, дека ЗНАМ останува силен поддржувач на членството во Европската Унија, но не по цена на националните интереси.

„Македонија припаѓа во Европската унија. Но, Македонија таму треба да влезе исправена, со зачувано достоинство, со признат македонски јазик, македонски идентитет, култура и историски континуитет, а не како држава која постојано ќе биде изложена на нови политички условувања. Секое можно решение мора да обезбеди цврсти гаранции дека нема да има нови блокади и нови барања поврзани со идентитетските прашања“, порача Димитриевски.

Инаку, наспроти ДУИ, кои испратија долга честитка за празикот, од Влен имаше само штуро соопштение од Министерството за правда, чиј министер ја преставуваше партијата на чествувањето.