Левица: Институциите задолжени да ја штитат државата се претвораат во перална за биографии
Разузнавачот Киро Тодоровски, кој признал вина и е правосилно осуден во предметот „Титаник“, во ноември 2025 година бил вратен во Агенцијата за разузнавање, во февруари 2026 година добил сертификат за пристап до информации со степен „државна тајна“, а веќе во јули бил испратен во Виена како дипломатски претставник на државата, објавува Левица.
-Според потврдата што Кривичниот суд ја издал на 21 мај 2026 година, неговата осуда сè уште се наоѓа во казнената евиденција. Условната казна од две години, со време за проверување од пет години, е правосилна од 18 мај 2023 година, што значи дека Тодоровски и во моментот на враќањето во Агенцијата, и при добивањето на сертификатот, и при заминувањето во Виена официјално имал статус на осудувано лице.
Можното исполнување на рокот за повторно поднесување барање за сертификат не е исто што и автоматско исполнување на условите за негово добивање. Законот дозволува поднесување на ново барање по истекот на определен период, но не ја претвора претходната осуда во небитен податок, ниту ги ослободува АНБ и Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации од обврската да утврдат дали постои безбедносен ризик. Особено кога подзаконските прописи изречно наложуваат да се цени дали лицето во релевантниот период било осудено за дело што може да претставува пречка за пристап и ракување со класифицирани информации, посочува Левица.
Суштинското прашање, според партијата, не е само дали Тодоровски имал право повторно да поднесе барање, туку кој, врз основа на кои факти и со какво образложение оценил дека правосилната осуда во „Титаник“ не ја доведува во прашање неговата доверливост, интегритет и лојалност кон уставниот поредок.
–Уште посомнителен е одговорот на ДБКИ дека последниот сертификат бил издаден, но истовремено била во тек „дополнителна безбедносна проверка“. Ако проверката не била завршена, зошто бил издаден сертификатот? Ако била завршена и резултатот бил позитивен, што точно дополнително се проверува откако лицето веќе добило пристап до највисоко класифицирани информации и било испратено во странство? Државната тајна не е пробен период, па прво да се додели сертификат, функција и дипломатски привилегии, а потоа институциите да утврдуваат дали кандидатот воопшто ги исполнува условите’, забележува Левица.
Дополнителен сомнеж, според нив, создава и брзината на целата операција. Постапката за безбедносна проверка од трет степен за пристап до „државна тајна“ може да трае најмногу шест месеци, а според објавените информации, Тодоровски бил вратен на работа во ноември 2025 година, додека сертификатот го добил веќе во февруари 2026 година.
-Ваквата брзина во комбинација со активната осуда, наводите за менување интерни правилници, пробивање рокови и фаворизирање на конкретно лице, претставува повеќе од доволна причина за институционална истрага. Класифицираноста може да заштити оперативни податоци, но не смее да служи како црна завеса зад која ќе се сокриваат кадровски одлуки, можни злоупотреби на процедурата и трошење јавни пари.
За овој случај не може да молчи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Кабинетот на претседателката не може да се однесува како случајот да се случува во туѓа институција. Кога орган под нејзина непосредна институционална надлежност испраќа осудувано лице на чувствителна позиција во странство, молкот престанува да биде воздржаност и станува политичко покровителство.
Државата, според објавените информации, на Тодоровски не му обезбедила само работно место, туку дипломатски статус и пакет привилегии што опфаќа плата и додатоци за работа во странство, сместување, службени трошоци, возило и школување на децата. Додека илјадници чесни и квалификувани луѓе немаат пристап ниту до најобично напредување без партиска врска, за компромитираните кадри институциите очигледно умеат да отворат врати, граници и буџетски каси.
Овој случај покажува дека институциите задолжени да ја штитат државата се претвораат во перална за биографии. Осудата се третира како мала непријатност, безбедносната проверка како небитен формулар, а дипломатијата како награден аранжман за кадри што системот решил повторно да ги употреби. Сега имаме и предедан каде криминалната биографија не е пречка во кариерата, туку препорака за Виена, стои во реакцијата на Левица.
Партијата бара и целосен надзор над постапката, јавна одговорност од директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, објаснување од АНБ и ДБКИ и недвосмислено произнесување на претседателката Сиљановска-Давкова. Доколку институциите и натаму молчат, ќе биде јасно дека не чуваат државна тајна, туку ја чуваат тајната на „партиското кадровско подземје“.