Западот итно испраќа артилерија да ѝ помогне на Украина

Пентагон соопшти дека ќе се фокусира на артилериски системи кои Украинците можат веднаш да ги стават на бојното поле


Новата фаза од војната во голема мерка ќе биде артилериски конфликт (Фото: Ројтерс)

 

Соединетите Држави, Велика Британија и Канада ветија дека ќе испратат повеќе артилерија во Украина за да им помогнат на своите војници да ги одбранат регионите на истокот на земјата, каде што Русија започна сеопфатен напад.

Американскиот претседател Џо Бајден им рече на новинарите по разговорот со британскиот премиер Борис Џонсон, канадскиот премиер Џастин Трудо и другите западни лидери на 19 април дека артилерија ќе биде меѓу следната рунда муниција што ќе ја испратат Соединетите Држави.

Говорејќи во Лондон, Џонсон им рече на пратениците: „Ова ќе стане артилериски конфликт, им треба поддршка со повеќе артилерија, тоа е она што ќе им го дадеме… покрај многу други форми на поддршка“.

Трудо рече дека Канада ќе испрати тешка артилерија и вети дека ќе даде повеќе детали.

Портпаролот на Пентагон Џон Кирби изјави дека Соединетите Држави се обидуваат да се фокусираат на испраќање системи што украинските сили можат да ги стават на терен речиси веднаш заедно со опрема за која не е потребна долга обука.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, кој исто така беше на повикот со Бајден и другите лидери, вети дека Берлин ќе финансира директна испорака на оружје од германската индустрија.

Тој рече дека противтенковското оружје, опремата за противвоздушна одбрана, муницијата и опремата што може да се користи „во артилериски ангажман“ се меѓу оружјата што може да ги испорача Германија.

Се разгледуваат и системи од источноевропските земји кои би можеле брзо да бидат распоредени бидејќи им се познати на украинските трупи, рече Шолц.

Шолц рече дека Германија и нејзините партнери во Групата седум индустриски земји заклучиле дека има повеќе смисла да се испратат системи што би биле познати на украинските трупи, како што е оружјето од советската ера, кое сè уште го имаат некои партнери во НАТО.

Западните партнери тогаш ќе им помогнат на тие земји да добијат замени.

Приоритет беше да се испорача она што може да се испорача и да се искористи брзо, рече тој, почнувајќи со опрема од сопствените ограничени резерви на Германија, а потоа финансирање на набавките од Киев. Но, тој рече дека Германија нема „да оди сама“ за оружјето и дека сите одлуки ќе бидат донесени во тесна соработка со „пријателите и сојузниците“.

Шолц се соочува со зголемен притисок дома да одобри испраќање тешко оружје во Украина. Тој и неговата централно-левичарска партија СПД со недели тврдеа дека со тоа би ризикувала спирала на ескалација што би можела да доведе до напад на други земји.

Владата на Шолц вети повеќе од 1 милијарда евра финансиска помош за Украина за да може владата во Киев да го купи оружјето кое ѝ е потребно за да го возврати ударот. Но, извештаите за злосторства извршени врз цивили поттикнаа повици за построг став.

Германскиот канцелар им рече на новинарите дека руската инвазија останува „еклатантно кршење на меѓународното право“.

„Убиството на илјадници цивили како што видовме е воено злосторство за кое одговорност сноси рускиот претседател“, рече тој.

„Чувствуваме огромна тага за жртвите и, исто така, мора да се каже, голем гнев кон рускиот претседател и оваа бесмислена војна“. (Според агенциите)