За Украина се борат околу 16.000 странци, повеќето од Јужна Америка
Околу 16.000 странски доброволци моментално се борат во редовите на украинските одбранбени сили, соопшти воениот правобранител на Украина Олха Решетилова за време на консултацијата со шефовите на дипломатските претставништва на Украина во странство.
Како што наведе таа, овие борци доаѓаат од најмалку 72 земји во светот, а речиси 40 отсто од нив се државјани на земјите од Латинска Америка, пренесе Унијан.
Според неа, од почетокот на работата на Канцеларијата на Воениот правобранител на 27 јануари, пристигнати се над 300 претставки од странски војници, членови на нивните семејства и овластени лица.
Посебна работна група на Управата ги анализира проблемите на странците во сите фази на службата и реагира на прекршувањата во областа на финансиската и материјалната безбедност, здравствената заштита и доделувањето статус на учесници во борбените дејствија“, рече Решетилова.
Таа посочи дека Украина постојано развива државен механизам за заштита на правата на странците кои служат во нејзината армија.
„Важен дел од таа работа е поддршката и подготвеноста на дипломатските претставништва на Украина да учествуваат во решавањето на прашањата поврзани со заштитата на правата и легитимните интереси на странските доброволци“, додаде воениот омбудсман.
Претходно беше објавено дека Украина може да загуби некои потенцијални странски доброволци откако владата на Колумбија ги зголеми платите на припадниците на вооружените сили. Претседателот на таа земја Густаво Петро тогаш најави зголемување на платите за сите воени должности.