Невладини организации предупредуваат за ризик од еколошка катастрофа во врска со нафтена дамка крај брегот на Оман


Гринпис и холандската невладина организација ПАКС предупредија за ризик од сериозна еколошка катастрофа по појавата на нафтена дамка на отворено море крај природен резерват во Оман.

Според организациите, нафтата истекува од танкер за кој се претпоставува дека е дел од т.н. руска флота во сенка.

Според информации на компанијата за поморска безбедност „Вангард“, бродот на 6 јуни бил оштетен при три експлозии со непознато потекло.

Сателитски снимки покажуваат голема нафтена дамка, која според аналитичарите соодветствува на истекување од пловило што пред повеќе од еден месец се насукало крај островот Киблија, долж јужниот брег на Оман. Реонот се наоѓа далеку од Ормуската Теснина, каде што изминатите месеци беа извршени напади врз нафтени танкери во тек на конфликтот на Блискиот Исток.

Се претпоставува дека изворот на излевањето е танкерот „Керолајн Безенги“, кој е под британски санкции. Според достапните податоци, бродот натоварил околу еден милион барели сурова нафта на рускиот терминал Шесхарис на Црното Море на 11 мај и сè уште го пренесувал својот товар кога еден месец подоцна бил регистриран неговиот последен сигнал.

Експертите подолго време предупредуваат на ризикот од масовни еколошки инциденти поврзани со т.н. руска флота во сенка, која е составена претежно од стари нафтени танкери што се користат за заобиколување на западните санкции поврзани со извозот на руска сурова нафта.