За укинување на техничката влада потребен е консензус, вели Филипче
За отворање нови рудници треба да се слушнат граѓаните и да се води сметка за заштита на нивното здравје, рече лидерот на СДСМ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција порача дека предлог-измените на Законот за Влада ако се укине укине техничката влада без консензус тоа ќе претставува сериозен удар врз единствениот механизам за фер избори, изјави на денешната прес-конференција претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Со 67 гласа „за”, 13 „против“ и ниту еден воздржан Собранието на денешната седница ја утврди потребата од донесување по скратена постапка на предлог-законот за изменување на Законот за Владата, со што законското решение ја помина првата фаза од собраниската процедура.
Заменик-министерот за јавна администрација, Лазе Јаќимоски во образложението пред пратениците истакна дека техничката влада во конкретен историски контекст имаше одредена стабилизирачка улога, но дека нејзината континуирана примена со текот на времето се покажа како нефункционална и финансиски неоправдана.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски смета дека собраниската процедура која што е востановена во однос на носењето на законското решение, излегува од рамките на моделот и начинот на кој што е донесен Законот за Влада.
„Техничката влада е меѓупартиски договор на четирите најголеми партии и таа техничка влада е донесена со консензус и само со консензус може да се укине. Ова е еден единствен преостанат механизам гаранција за одржување на фер и демократски избори. Во услови кога гледаме како се однесува актуелната власт, овој закон треба да се повлече. Овој закон вака не смее да помине“, порача Филипче.
Тој додаде дека општеството не е зрело за укинување на техничката влада затоа што системот сѐ уште заробен и по партиска контрола исто како во времето на Никола Груевски.
„Системот се контролира и во правосудство и во сите институции со силна партизација, исто како што се правеше во времето на Никола Груевски до 2016-та година, односно општеството и државата повторно не се зрели да се спроведат фер и демократски избори. Силен притисок на правосудните органи, поставување на свои луѓе на места за судии, обвинители. Чувствата на премиерот коишто се јавно искажани не се ништо друго освен притисок кон правосудството и обиди за заплашување на опозицијата“, нагласи Филипче.
Воедно, Филипче оцени дека предложените измени се дел од поширок процес на дерегулација и заобиколување на реформските обврски.
„Овој закон за влада е дел од Реформската агенда, а таму јасно стои дека треба да се донесе нов закон за влада, не само вака изменет Закон за влада. Значи, повторно не се постапува ниту по реформската агенда“, рече Филипче.
Тој зборуваше дека има силни реакции од јавноста во однос на Законот за минерални суровини и Законот за јавни приватни партнерства, особено од граѓанските организации кои работат во областа на заштита на животната средина. Филипче рече дека голем број организации и граѓани реагираат на предложените решенија, укажуваат на потенцијални ризици по јавниот интерес и порача дека при носењето на овие законски решенија мора да се слушне гласот на граѓаните.
„Во законот за минерални суровини, за разлика од досега, кога беше потребно да има завршена експропријација на земјиштето каде што се прават истражувања и дополнително искористување на одредени рудни богатства, национални, сега се прави промена и е потребно наместо завршени процедури во врска со имотно правни односи, односно експропријација, таа експропријација само да биде иницирана“, рече Филипче.
Тој предупреди дека ваквите измени можат да доведат до сериозни последици за сопственоста на земјиште на граѓаните и отвораат простор за злоупотреби.
Филипче, на прашање на новинарите, зборуваше и за евентуалното отворање на рудник за антимон во Крива Паланка и нагласи дека вакви одлуки не смеат да се носат без да се слушне гласот на граѓаните и без целосна заштита на здравјето.
„Добро е што се слушаат со премиерот, ако е тоа во интерес на граѓаните. Ама се поставува прашањето, а посебно сега и во контекст на овие предлог закони коишто се денес во Собрание, а имајќи ги предвид и огромниот број јавувања и реакции на граѓани од Паланка и регионот, и на граѓански организации коишто работат таму, коишто се сериозно загрижени, за своето здравје и за здравјето на децата коишто таму живеат. Очигледно е дека тие не се прашани. И кога зборува за бизнис интерес, за интерес на државата, ние видовме на ВМРО каков е интересот – не е тоа за државата, туку е бизнис интерес“, потенцираше Филипче.
Тој рече дека СДСМ ќе застане зад граѓаните без разлика на политичката припадност на локалната власт.
„Ние на овој начин ќе реагираме за таква иницијатива во било кој град, без разлика дали градоначалникот е од СДСМ или од ВМРО или од некоја друга партија. Даваме поддршка на барањата на граѓаните“, рече Филипче.