За што, всушност, разговарале Сиљановска и Јотова во Софија?
Софија очекува македонија да го исполни францускиот предлог, Скопје да се почитуваат одлуките на судот во Стразбур. Двете страни се многу далеку
Неколку дена во македонската јавност се најавуваше средбата меѓу претседателките Гордана Сиљановска-Давкова и Илијана Јотова во Софија како можност за некаков пробив за излез од политичкиот ќор-сокак. Кабинетите на двете претседателки дадоа различни соопштенија за средбата, додека Сиљановска зборуваше за нешто сосем трето во изјавата за медиумите. Таа рече дека уставните измени не се единствениот услов за тргање на ветото за почеток на преговори на земјава со ЕУ. Премиерот Христијан Мицкоски денеска, пак, изјави дека нема нови барања од Бугарија за деблокада на интеграцијата на Македонија во ЕУ.
Ова е рамката, содржината на разговите е генерално позната, иако нешто недостасува, или секоја од страните ги прикрива работите што не ѝ се пријатни. Јотова и Сиљановска си делеа насмевки, но изгледа дека нема никакво приближување во ставовите и Македонија останува заглавена.
Иако претходно од македонските власти се најавуваше како средба со можен поголем влог со која би се оладиле загреаните меѓусебни односи, во соопштението од кабинетот на Сиљановска таа беше нотирана како состанок на маргините на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ). Од македонска страна на разговорот учествуваше министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, а од бугарска Јотова беше придружувана со едно ниво подолу, од заменичката-министерка за надворешни работи, Иванка Ташева.
Во кусото соопштение на кабинетот на Сиљановска се вели дека „во фокусот на разговорот беа проблемите во билатералните односи, врзани за македонската евроинтеграција. Соговорничките изразија различни ставови за можните решенија за отпочнување на македонските пристапни преговори“.
Во него се додава дека „Сиљановска-Давкова ја потенцираше важноста на спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, како обврска за сите земји-членки на Советот на Европа“.
Македонската претседателка укажала и на неопходноста од интензивирање на комуникацијата меѓу училиштата, универзитетите, научните и културните институции, невладините организации и граѓаните заради надминување на предрасудите, зближување и разбирање.
Кабиентот на Јотова соопштува нешто сосема друго. Во соопштението се вели Јотова на средбата изјавила дека „Бугарија очекува Македонија да ги исполни европските критериуми за членство во Европската унија. Македонија мора да го исполни францускиот предлог од 2022 година, кој таа самата го потпиша, кој стана паневропски став за пристапување на Македонија во ЕУ“.
Илијана Јотова нагласила дека ова се европски критериуми за членство, а не бугарски барања. „За да започне преговори, Македонија мора да ги исполни своите обврски со вклучување на Бугарите во својот устав. Претседателката Јотова инсистираше на почитување на правата на македонските Бугари и ставање крај на говорот на омраза во Северна Македонија“.
Јотова на средбата го покренала прашањето за случајот кој генерално се премолчува во македонската јавност, а се однесува на Ива Михајлова (23) од Кочани. Михајлова е еден од учесниците во сообрачајната несреќа со смртни последици, а самата е сериозно повредена. Таа има бугарско државјанство. Михајлова сака да се лекува во Бугарија, но тврди дека не ѝ било дозволено тоа и дека во болницата ѝ биле одземени бугарските и македонските документи. Јотова барала објаснување зошто Михајлова не може да замине на лекување во Бугарија.
Претходно бугарското министерство за надворешни работи објави дека во рамките на „програмата за правна помош за бугарската заедница, обезбедени се бесплатно услугите на еден од најдобрите адвокати во Северна Македонија“.
Тимчо Муцунски во Софија коментираше дека несреќата, во која е вклучена Михајлова, сè уште е под истрага.
„Прво, ова е кривично-правен настан кој е под надлежност на судскиот систем на државата. Значи, како функционира независниот судски систем е целосно во негова надлежност и не можам да коментирам“, рече Муцунски. „И секако, без оглед на тоа дали некое лице е обвинето во кривична постапка или не, пристапот до здравствениот систем на нашата земја е секако можен и ќе се создадат најдобри услови за лекување за секое лице во земјата“, додаде Муцунски.
Надвор од овие официјални соопштенија Сиљановска додаде други моменти, но не даде детали за тоа што се разговарало. По средбата таа рече дека „уставните измени не биле единствениот услов за тргање на ветото за почеток на преговори на земјава со ЕУ, туку Бугарите имаат и услови поврзани со протоколите поврзани со историската комисија“. И додаде:
„Јас и мојот колега Муцунски сакавме да ги слушнеме нивните позиции. За да им дадам шанса на преговорите, на разговорите и на дијалогот за да останам на монолог, само ќе кажам дека едно на обајцата ни стана јасно: не се во прашање само уставните измени туку се во прашање и други барања поврзани со протоколите што произлегуваат од работата на исторската комисија. Толку можам засега да кажам“, изјави претседателката Сиљановска.
По вчерашните разговори премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави нешто слично како и Сиљановска, но и поинаку – дека дека нема нови барања од Бугарија за деблокада на европскиот пат на Македонија. Тој рече дека тие барања се уште од 2022 година и оти, како што наведе, чекале три години да ги слушнат цела Европа и светот, како и граѓаните што биле жртви на манипулативната политика на поединци. Тој останува оптимист и рече дека неговите разговори со Фридрих Мерц и Емануел Макрон сосема се разликува од она што е разговарано меѓу Сиљановска и Јотова.
Во усогласен став со со Сиљановска Мицкоски во изјавата рече:
„Македонските граѓани мора да знаат дека барањата не се само промена на Уставот и дел од бугарската заедница во преамбулата. Не. Тоа е само почетокот. Само ја отвораме Пандорината кутија. Следува акцискиот план, следува работата на историската комисија, следува Протоколот 2, каде што работата на историската комисија е само едно од барањата. Таму имаат можеби петнаесетина нови барања што ние како држава треба да ги исполниме. Така што, нема ништо поинакво тоа што денеска го слушаме, тоа што го слушаме во континуитет од она што, за жал, претходната влада го прифати во 2022 година“, изјави премиерот по пуштањето во употреба на спортската сала „Расадник“ во Кисела Вода.
„Немаме исто гледање на идентитетските прашања. За нас, Гоце Делчев е идентитетот македонски, за нив не е, за нив е дел од бугарскиот идентитет. За нас, Илинденското востание е дел од македонскиот идентитет, за нив не е. Тоа е Преображенско востание. Тоа се суштински прашања, кои, за жал, се присутни уште од 2022 година. Не се нови барања“, изјави Мицкоски.
Но, чувствувајќи ја депримирачката атмосфера во општеството кое гледа дека државата е во безизлез премиерот порача:
„Ние мора да бидеме оптимисти и да работиме, истовремено да ги штитиме македонските национални интереси, да не влегуваме во авантура, да не бидеме очајници и давеници, како што тоа го правеше претходната влада“. (Н.В.)