За Петре Велики, то ест Петре Бакевски, по многу години, пак

Каков elan vital го движел и го одржувал тој необичен човек, фантаст и идеалист?


Фото: Б. Грданоски

Инспиративна реч за обемната книжевна биографија која ги вклучува буквално сите родови и жанрови на Петре Бакевски (1947- 2011), истакнат македонски културен деец, интелектуалец и книжевник, синоќа, на промоцијата на неговата последната книга на која што работел пред својата смрт во 2011 година- „Нова Атлантида“ (Арс Ламина), во МКЦ Скопје, имаше истакнатиот театролог и писател, Јелена Лужина.

Како пријателка и почитувач на неговото дело, Лужина, истакна дека искрено се радува што Петре Бакевски, ете, полноправно влезе во едицијата Македонски книжевни класици, заедно со 

Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Димитар Солев, Живко Чинго, Ѓорѓи Абаџиев, Влада Урошевиќ, Блаже Конески и Оливера Николова.

„Дали – во оваа наша мала, инертна и традиционално сеирџиска средина – дали некому некогаш ќе му текне да ја состави интегралната библиографија на сите изданија на некогашната „Детска радост“, испечатени во мандатот на Петре Бакевски и со неговиот главноуреднички потпис?“ се запраша вчера пред присутните, Лужина, автор и на поговорот во „Нова Атлантида“.

Еве  ја во целост речта на Јелена Лужина на промоцијата во Скопје.

***

Интегралното издание на „Нова Атлантида“ – објавено кон крајот на 2021 година во издание на Арслибрис – треба да се смета за последната авторска книга на Петре Бакевски. Првата – неговата дебитантска поетска збирка Пат до летото –  излезе пред половина век: во 1972.

Се обидов, деновиве, бегло да ја сумирам авторската библиографија на Петре Бакевски и, потпирајќи се на електронската верзија на не-баш-комплетниот/компетентниот македонски COBISS, да му ги избројам објавените авторски книги. Само книги кои своерачно ги изнапишал-та-потпишал, не и авторските прилози во книгите на некои други-трети-десетти автори на кои им пишувал поговори и предговри. Или книгите кои ги уредувал – имено, книгите кои ги потпишал како уредник! Имено, сосема сигурна сигурна дека на овие последниве бројот не им се знае! Ниту некогаш ќе се дознае!

Констатирав дека – наспроти сите потенцијални превиди, не само мои лични,  туку и превидите на тие кои во НУБ го „пополнуваат“ пустиот македонски  COBISS –  авторскиот scor на Петре Бакевски вклучува најмалку 64 единични наслови/книги и уште (најмалку) 20-тина антологии, хрестоматии и/или зборници кои тој, како нивниот „директен“ создавач то ест автор, лично ги конципирал, обмислувал и  составувал.  

Оние „примарните“ 64 книги – објавени помеѓу 1972 и, формално, 2011 односно 2021 – жанросвки го „покриваат“ речиси целиот книжевен спектар. Најбројните се, очекувано, „конвенционалните“ поетските збирки – ги има 27;  потоа епските поетски форми, поеми  (7) и ораторијски либрета (3).

„Остатанатите“ 27 авторски наслови се драмски – 2 книги драми, вкупно 9 драмски текстови – и прозни: 9 романи, 9 збирки новели/раскази, 5 книги есеистички дневнички записи, 2 книги театарски критики пишувани и објавувани (во весникот „Вечер“) во текот на 15 полни години, помеѓу 1973 и 1988).  Вкупно 64. Плус оние силни антологии и хрестоматии кои „само“ ги приредувал…

Да не заборавиме: Петре Бакевски не живеел во Јасна Полјана, опкружен со дузини „асистенти“ од секој вид, кои во секој миг можеле да го сервисираат по сите основи. Со сопругата Билјана и со две сјајни деца,  живеел во стандарден  скопски стан, со непостоечко работно време и од горе-долу стандардна новинарска плата: со децении бил уредник на културната рубрика во весникот „Вечер“, потоа главен уредник во забревтаната издавачка куќа „Детска радост“.

Добога, во кој временски „меѓупростор“ умеел и успевал да ја изнапише таа своја обемна, кадарна, ретко сериозна и мултижанровска библиотека? Во која – тврдам! – има најмалку десет апсолутно антологиски/севременски книги. Каков elan vital го движел и го одржувал тој необичен човек, фантаст и идеалист?

Петре В. то ест Петре Велики! Така го викав, со години,  по рускиот император кој од мочуриштето, „среде ништо“, молскавично ја изградил престолнината, најубава на светот. Како што и тој, Петре В., „среде ништо“, во деведесеттите години на минатиот век, иницијалните години на македонскиот казино-капитализам, ја создал суперуспешната издавачка куќа „Детска радост“… 

Дали – во оваа наша мала, инертна и традиционално сеирџиска средина – дали некому некогаш ќе му текне да ја состави интегралната библиографија на сите изданија на некогашната „Детска радост“, испечатени во мандатот на Петре Бакевски и со неговиот главноуреднички потпис? Не (само) заради Дотичниот Петре Бакевски и неговиот круцијален влог во историјата на македонското издаваштво, несомнено капитален, туку заради статусот и историјата на самото македонско издаваштво „како такво“. Знам,  хронично си страдаме од краткото ни паметење – Чернодрински вели „од глаата си патиме“… – а  умееме, кој знае зошто,  да бидеме и прилично инертни, дури и рамнодушни кон сериозни и вистински големи теми.

Ќе поднаучиме ли, некогаш, дека кон некои луѓе сепак имаме и некој колективен долг, пред сѐ морален? 

 

*

Нова Атлантида, троделната/тросложната поема која сега се преобјавува во продукцијата на Арс Либрис, премиерно, нејзиниот прв дел – првото пеење – иницијално  беше испечатено 2008 година. Останатите две пеењеа излегоа во списанието „Современост“, 2009 и 2011. Ерго, Нова Атлантида  е фактографски последната книга на Петре Бакевски.

Искрено се радувам што Петре Бакевски, ете, полноправно влезе во едицијата Македонски книжевни класици.